Димитров за мечот со Росмален: Овој спорт е нешто друго, не е кик бокс или К-1!

„Ова е најголемо достигнување за мене, главен настан на една огромна светска организација, против една светска ѕвезда е остварување на сонот, сега небото е граница“, вели Ристо Димитров-Чуринот (1-1 ФФЦ) кој на 11 март на ФФЦ 28 во Атина се среќава со светската кик бокс ѕвезда Робин ван Росмален (1-0 ММА)од Холандија во категоријата до 66 килограми. Росмален почна да гради и ММА кариера, а ова ќе му биде втора борба, во првата пред една година токму во ФФЦ славеше со нокаут во втората рунда.

За Росмален Димитров зборува со почит и вели дека е голема кик бокс ѕвезда, ама во кикбокс, не и во ММА.

„Овој спорт е нешто друго, не е кик бокс или К1, други правила на игра и други вештини и тактики. Росмален е силен, агресивен и арогантен борец, ќе гледам да го искористам тоа против него“, истакнува битолчанецот Ристо.

Тој посочува дека интензивно се подготвува некое време и дека соработката со ФФЦ му е постојана. Некое време разговорале за борби.

„Кога ми понудија борба со Росмален, под многу добри услови, прифатив и се чекаше истото да го направи и Холанѓанецот, а веќе на големо се подготував“, ни открива Димитров.

Според него, објавувањето на веста за борбата со Росмален направила бум на Балканот. Еден Македонски борец против светската ѕвезда Росмален. Први ја објавија ФФЦ и Фајт сајт, веднаш потоа, ексклузивно и Ипон.мк. Потоа следуваа портали и весници од Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Словенија

„Мислам дека  ова е најголем настап на еден македонски професионален спортист. Сега планирам да поминеме што повеќе да клубови и борци во Македонија, како и да дојдат што повеќе македонски борци, да сменам што повеќе спаринг партнери и да разработиме повеќе тактики и да ставиме повеќе орудија во нашиот арсенал“, нагласува Чуринот.

Голема помош има од битолските борци Алрксандар Димовски-Димсата и Александар Најдовски-Скантата, кои воено и се репрезентативци на Македонија во кик бокс и има што да му покажат. Во овој процес се вклучени и нивните клубови, како и мојот брат, како што вели Димитров, и тренинг партнер Александар Петковски-Аки кој несебечно нон-стоп му помага.

„Се јавија и голем број спонзори и луѓе кои сакаат да помогнат, Агро центар Битола, Фитнес центар Енерџим, Лајтисимо и Топ фешн Скопје и градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој сам се понуди да помогне во рамките на неговите можности. Сега останува да се подготвам и да го чекаме денот на борбата и да направиме бум на светската ботечка сцена“, категоричен е Димитров.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО