Дејвид Хеј: Чисора ми кажа дека Вајт ќе падне на допинг тестот и дека се подготвува за Еј Џеј

Поранешниот британски боксер Дејвид Хеј откри дека Дерек Чисора му рекол оти Дилиен Вајт ќе падне на допинг тест и дека ќе скокне во борбата против Ентони Џошуа.

Пред неколку дена пристигна информација дека Дерек Чисора ќе настапи на 12 август на тој настан во лондонската О2 арена против Џералд Вашингтон, а сега Дел Бој навистина би можел да биде замена за Вајт.

Откако беше потврдена веста дека Дилиен Вајт падна на допинг тестот, неговиот меч против Ентони Џошуа беше откажан.

Организаторот на настанот Мечрум на социјалните мрежи истакна дека бара замена боксер за да се бори со Еј Џеј.

Хеј тврди дека уште пред една недела Чисора му кажал дека се подготвува за натпреварот против Џошуа, бидејќи знаел оти допинг тестовите на Вајт ќе бидат позитивни и дека натпреварот ќе биде откажан.

„Смешно е, но тоа е вистина. Дерек Чисора ми се јави пред една недела и ми кажа дека токму тоа ќе се случи. Дерек ми кажа пред една недела дека Дилиен ќе падне на допинг тестот“, изјави Дејвид Хеј и додаде:

„Не обрнав многу внимание на тоа, но ми кажа како ќе се бори против Еј Џеј. Ме замоли да не кажувам никому, но сега се знае дека Дилиен нема да биде во рингот со Еј Џеј. Дерек тренираше за таа борба. Тој го донесе истиот тим во кампот како и за борбата со Усик, а оттогаш не го направи тоа, многу интересно“.

Ако Чисора навистина добие повик да се бори со Џошуа, Хеј верува дека тоа ќе биде голема борба.

„Мислам дека би бил одличен меч. Дерек секогаш дава вредност на парите, а тој е лондончанец во својата О2 арена“, подвлече Дејвид Хеј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО