Дејан Милошевски во најдобрите 18 карате судии во САД

Изминатиов викенд 2-4 февруари во Колорадо Спрингс се одржа изборен натпревар за членови на америската сениорска државна карате репрезентација за 2024. Само 18 судии беа официјално поканети од вкупно 280 национални активни карате судии, меѓу кои и нашиот светски македонски карате судија Дејан Милошевски. Тој беше избран и за член на Комисијата за жалби, одговорна за решавање на сите официјални карате протести на овој натпревар.

„Натпреварот започна со дисциплината кати на 2 татами, потоа продолжи на 1 татами со дисциплината борби. Сите квалификувани спортисти се натпреваруваа во раунд-робин групи, а на крајот беше направено и крајно рангирање. Овој натпревар се одржа во Олимпискиот и параолимпискиот тренинг центар во Колорадо Спрингс, кој располага со најсовремена технологија и услови за подготовка на врвни спортисти од тимот на САД. Капацитетите вклучуваат клиника за спортска медицина и научна лабораторија, олимписки базен, затворено стрелиште, велодром, повеќенаменски игралишта, сала за бодибилдинг, сала за борење и сала за бокс. Пристапот е строго ограничен со претходна безбедносна/здравствена проверка на сите посетители. Овој комплекс е целосно спонзориран преку донации и е под контрола на САД.

Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста до претседателот на Карате федерацијата на САД и претседателот на Судиската комисија за укажаната доверба и поканата да бидам член на судискиот тим. Да се биде првиот Македонец во најдобрите 18 судии во САД, претставува огромен успех и чест, тоа е доказ дека квалитетот секогаш се препознава каде било во светот. Македонија и Карате федерација на Македонија можат да бидат горди на овој историски успех. Се надевам дека еден ден и нашиот Македонски олимписки комитет ќе може да обезбеди спортски комплекс за нашите талентирани спортисти“, вели Милошевски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО