Даниел Димевски избран за претседател на МОК

Поранешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Даниел Димевски, денеска официјално е избран за нов предводник на Македонскиот олимписки комитет (МОК) на Собранието кое заврши со мала дамка, откако предвреме салата ја напуштија дваесетина членови кои ја поддржуваа неговата противничка за функцијата, Александра Војнеска-Зикова.

Крајниот избор беше речиси акламативен, со оглед што во салата останаа само неговите приврзаници, а во пресрет на тоа самиот Димевски, по претставувањето на програмата, вети дека следната година ќе има ново Изборно Собрание.

„Сакам уште сега да ветам, јавно да кажам дека в година ќе организираме ново Изборно Собрание, па тие пак нека не дојдат. Сакам да бидеме обединети, а не разделени. Затоа ќе сторам сѐ за бидеме пак сите заедно. А до следниот избор зад себе ќе имам една година во која ќе работам напорно и ќе дадам сѐ од себе за македонскиот спорт. Ќе бидам тука за федерациите, за клубовите, ќе се борам за нови спортски објекти, за препознатливост на спортистите, за поголеми ваучери, ќе им помагам на сите за нивна реализација. Сѐ во интерес на заедничкото добро“, изјави Димевски.

Без разлика на немањето противник, кој предвреме си замина, гласањето беше извршено тајно, според препораките од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Димевски доби 30 гласа, Војнеска-Зикова иако не беше присутна доби еден глас, додека едно ливче беше празно.

Истовремено, со акламација беше прифатен и предлогот за избор на досегашниот предводник Васил Тупурковски за почесен претседател на МОК.

Фото: Дерби.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО