Откако легнаа работите по завршувањето на „Златниот гонг“ кој го освои нашиот боксер Гоце Јанески го побаравме мислењето на оние што беа во аголот на боксерите.
Селекторот на боксерската репрезентација Петре Чурлиновски вели дека со оглед на лошата ситуација на Федерацијата во последните две години добро е што се одржа боксот како спорт.
„Ако условите беа поинакви ќе имавме уште подобро подготвени боксери и поконкурентни. Сепак, од изборот на овие шетсмина, од кои тројца беа дебитанти, сум задоволен, бидејќи дадоа се од себе и покажаа дека може да остварат и подобри резултати и да ја презентираaт Република Македонија. Тоа што го видов на турнирот е дека нашите боксери рамноправно се спротивставија на конкурентите. Сакам, покрај победникот Јанески, да ги истакнам Исак Сулејмани кој добро се бореше и Љулзим Исмаили“, вели селекторот Чурлиновски.
Тој смета дека оваа година „Златниот гонг“ се карактеризираше со добра организација и квалитетни боксери.
„Гледавме бокс на високо ниво и кој е на рамниште на европските првенства“, заклучува Чурлиновски.
Тренерот на Гоце Јанески и тренер на репрезентацијата Мирко Ристевски – Мице е задоволен од прикажаното, а за финалната борба на Јанески вели:
„Гоце избоксира мудро и во првите две рунди го доби Аременд Незирај од Косово, третата беше изедначена. Сепак, сакам да нагласам дека неговиот резултат не дојде туку така, бидејќи од летото па наваму се во активен тренажен процес, но и настапувавме на многу турнири за да биде што е можно што поподготвен за Златниот гонг“, вели иксусниот тренер Мице.
Ipon.mk/В.Д.