Борче Лескаровски – карате име што се почитува: Треба три пати повеќе да отскокнуваш за да те признаат во Швајцарија, а со резултатите докажав дека вредам!

Да се навлезе во суштината на карате вештината, како дел од Универзумот, за ширење на позитивна енергија, мир, толеранција и соработка меѓу луѓето, воедно да се практикува и пренесува на новите генерации, е одлика на помал број на каратеки. Сето тоа да се оставри во странство, каде што докажувањето е два пати, па можеби и три пати поголемо, и притоа да бидеш во друштвото на одбраните во одредена држава е вредно за почитување.

Со таквите луѓе, спортисти, учители, сите се гордеат и сакаат во секое време да споделат дел од своите размислувања и ставови за спортот и небескиот простор на позитивна енергија. Да, токму еден од тие е и нашиот Борис – Борче Лескаровски од Кичево, кој цели 25 години работи во швајцарскиот град Бил – карате. Тој живее со и од карате вештината, која е препознаена во оваа држава преку резултатите на неговите ученици кои се најмногу во репрезентацијата на Швајцарија од еден клуб – тројца. Лескаровски е во Техничката комисија на Швајцарската карате унија (шеф од 2007 година) или како што вели тој: „Моето презиме е различно од другите – Лескаровски, кое не алаудира на тоа дека е од Швајцарија. Тоа за мене е голема чест и признание“. Неговата работа е верификувана и преку ката тимот, за кој смета дека е меѓу петте најдобри во Европа. Лескаровски е еден од ретките Македонци со ваков карате статус во Европа.

Карате приказната на Борче во Швајцарија започнува во 1992 година, но првите чекори во карате вештината се во Кичево во 1973 година кај тренерот Сашо Туфекџиоски, кој сега е професор на Факултетот за физичка култура во Скопје.

За да се опрдели за боречките спортови, односно каратето, како негов животен пат, љубовта му ја всадува неговиот татко.

„Татко ми тренираше бокс, па така преку него ги засакав боречките спортови. Каратето е мојот животен пат! Патот на толеранцијата. Патот на подобриот. Патот на мирот. Карате  е кованица од кара – празна и те – рака и ја носиме соработката со енергијата, со „Чи“.

Лескаровски во Македонија останува до 1980 година, потоа заминува за Белград и во 1982 година ја продолжува кариерата во Црвена Ѕвезда кај сенсеи Илија Јорга.

Во 1978 година е вицешампион на Македонија во полутешка категорија и трет во кати, а наредната година е втор во Југославија во јуниорска конкуренција и тоа поради негова (само) дисквалификација. Со Црвена Ѕвезда е екипен првак на Белград и на Србија.

„Кога почна кризата во Југославија не се натпреварував. Во сезоната 1993/94 сум шампион на Швајцарија и во борби и во кати. Потоа се оддадов на тренерската работа и за овој период имам 30 шампиони на Швајцарија и на интернационални натпревари. Мојот клуб Кашивакан работи во Бил од 1992 година и со сето она што го имаме постигнато се вбројува меѓу 10-те најдобри клубови во оваа земја“, вели Лескаровски.

Да се работи во држава во која не си роден не е лесно и бара многу повеќе напор и докажување за да бидеш ценет.

„Секогаш треба да се докажуваш и три пати повеќе да отскокнуваш од Швајцарците за да те признаат. Со голема работа од 1989 до 1993 година докажав дека имам квалитет и може да сметаат на мене. Со резултатите што ги постигнав докажав дека вредам. Имам големи резултати со моите ученици“, раскажува сенсеи Лескаровски.

Поставеноста и сфаќањата за карате спортот во Македонија и Швајцарија се различни и имаат свои специфичности, Лескаровски тоа го објаснува како филозофија и животен пат со каратето.

„Самото карате е филозофија и животен пат. Развивање на свсета и совеста. Разликата е во тоа што имаат поголема солидарност“.

За организациската поставеност вели дека се дел од Швајцарската карате унија која членка на ВКФ (Светската карате организација). Во Швајцарија има Свис лига каде што се собираат поени за Државното првенство на кое се обезбедува место во националната селекција. Во поглед на финасиите истакнува дека неговиот, а и другите клубови, добива субвенции од градот, но не и од Унијата, која ги финансира само репрезентативните настапи и репрезентативците.

Репрезентативци на Швајцарија од неговиот клуб се Арбен Пјетрај, Сирил Мајлефер и Ајша Бутрасит во У-21 и У-18 во кати.

За она што го вежба и ги учи своите ученици, односно протежирање на неговиот стил „кашивакан“ вели дека е синтеза од повеќе учења и учители.

„Направив синтеза од повеќе големи мајстори на каратето како Шираи, Јорга, Канзава и други. Таа синтеза е изучување на повеќе стилови на шотокан карате и стварање на кашивакан. Затоа е потребно изучување на кати, апликации, бункаи, омоте, правење на нови кати“.

Во неговото доџо на секои шест месеци доаѓаат нови ученици од училиштата кои се запознаваат со боречките вештини, при што картето се пропагира како релација на пријателство со девизата „нека победи подобриот“, а да се почитува противникот.

„Швајцарците многу го почитуваат каратето, како спорт, како вештина и како уметност“.

Лескаровски често се фотографира на посебни места кои прикажуваат убавини на неговиот роден крај, но и од Швајцарија, и сето тоа го пласира на социјалните мрежи за да ги запознае неговите ученици и следбеници со убавините на Кичево и Македонија, а и на државата во која живее и работи.

„Фотографиите имаат симболика на сонцето, со чусвство на преродба и смиреност. Се што гледаме е енергија, а тоа сакам да го прикажам преку фотографиите. Хармонијата на човекот со универзумот и дека сме дел од тоа. Така се добива потребната психо-физичка стабилност“.

На овој начин и преку неговото име и презиме Швајцарците знаат и ја запознаваат Македонија. Често пати го прашуваат што значи неговото презиме кое на некој начин е кум на неговиот стил – кашивакан. Лескаровски објаснува дека јапонскиот збор кашива во превод е леска, а кан – куќа, односно како што ќе рече тој „Куќата на Лескаровци“.

Куќата на Лескаровци има наследници, синот Симон кој е петкратен шампион на Швајцарија и неговата ќерка. За продолжување на карате патот се грижат неговите асистенти.

„Имам асистенти кои 25 години се со мене и се надевам дека тие ќа ја продолжат лозата на кашивакан“.

Симболиката ја гледа во тоа што леската е доста еластично дрво, кавлитет кој се бара во каратето.

Во доџото на сенсеи Лескаровски семинари одржале многу големи мајстори, сепак тој како свои фаворити, по она што го прикажале, ги извојува сенсеи Шираи и Силвио Кампари.

Краткиот престој во родното Кичево и Македонија го искористи да одржи два семинари во неговиот роден град и во Охрид со мајсторите Неџби Дервиши и Ѓоко Томовски на кои се работеше на борбени техники и на две кати „ем пи“ и „ун су“ – бункаи и апликации.

Лескаровски истакнува дека има голема заинтересираност од страна не говите ученици и пријатели во Европа за семинар во Охрид, така што се надева дека во блиска иднина тоа и ќе се случи.

Ipon.mk/ В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО