Боксерската репрезентација ги наполни батериите во Турција

Македонската боксерска репрезентација се врати од подготовките во Ајвалик, Турција, каде што тренираа заедно со репрезентациите на Турција, Русија и Грузија, кои беа реализирани со помош на Македонскиот олимписки комитет.

Македонската репрезентација патуваше со 8 боксери во Турција.

„Имавме по два тренинга дневно. Исто така и спаринг борби со репрезентативците на Турција, Русија и Грузија. Со тренинзите раководеше тренер од Куба. Со многу нови искуства се вративме од подготовките. Турците и Грузијците, кои се натпреваруваат и во Светската лига, од подготовките заминаа директно на еден светскиот куп во Баку, Азербејџан, а од 14 јуни ќе учествуваат на Европското првенство во Украина“, истакна членот на Управниот одбор на Боксерската федерација на Македонија, Илија Младеновски, кој беше и водач на патот и еден од тренерите на македонската репрезентација, како и Енвер Салиху и Мирко Ристевски – Мице.

Младеновски е задоволен од сите боксери. Посебено го истакнува враќањето во рингот на Димитар Ташков.

„Ташков имаше неколку спаринг борби во Турција. Не само јас, туку и другите боксери и тренери беа импресионирани од неговите борби. Верувам дека Ташков влегува во потребната форма. Од друга страна, сите наши боксери спарингуваа по три рунди со далеку поискусните боксери, така што со ваква работа, бидејќи се млади, може да се надеваме на успех во иднина. Ова е големо искуство за нив и напредок во кариерата“, рече Младеновски кој и се заблагодари на домаќините за гостопримството.

Во Турција се подготовуваа:

-56 кг Јасмин Мифтар
-60 кг Александар Ристовски и Јасин Лама
-64 кг Денис Муаремовски и Дејан Ристески
-69 кг Мартин Алексов и Лулзим Исмаили
-75 кг Гоце Јанески и Никола Арсов
-91 кг Димитар Ташков

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО