Бен Аскрен има потреба од трансплантација на белите дробови

Поранешниот шампион на Белатор и ОНЕ, Бен Аскрен, покажува знаци на подобрување откако пред повеќе од една недела беше хоспитализиран во критична состојба со пневмонија. Според неговиот пријател и тренер Пет Минео, состојбата на Аскрен се стабилизирала, но ќе му треба значителен третман, вклучително и трансплантација на бели дробови.
Аскрен (40) беше хоспитализиран во Невада на почетокот на јуни во несвесна состојба откако разви пневмонија предизвикана од стафилококна инфекција. Неговото семејство подоцна го премести во болница во Висконсин, поблиску до домот.
„Сите молитви и медицинска нега што ги доби Бен Аскрен се исплатуваат“, сподели Минео на социјалните медиуми. „Успеа да ги отвори очите и да ги стиска тупаниците, што покажува дека почнува да се враќа свеста. Се очекува дека ќе му треба трансплантација на белите дробови, но некои од неговите витални знаци се подобруваат и тој се бори како шампион. Продолжете да се молите за Бен“.
Бен Аскрен ја започна ММА кариерата во 2009 година откако се истакна во борење. Беше непоразен повеќе од една деценија и стана шампион во Белатор и во ОНЕ во велтер категорија. Откако се пресели во УФЦ во 2019 година, тој имаше успешно деби, но претрпе два последователни порази и објави крај на натпреварувачката кариера.



