Балканската шампионка Вероника Костовска: Ова беше само генерална проба и потврдување на местото во репрезентација за ЕП во Данска!

Вероника Костовска вчера стана балкански шампион во борби во У-21 во категоријата до 61 килограм како најва за Европското првенство во Алборг, Данска, од 8 до 10 февруари, и повторен атак на шампионската титула, но овој пат во млади сениори, бидејќи претходната титула беше во кадетска конкуренција во 2015 година на ЕП во Цирих, Швајцарија.

На патот до златниот медал Вероника Костовска на Балканското првенство за кадети, јуниори и У-21 во Дубровник, Хрватска, забележа четири победи совладувајќи ги Моника Јуришиќ, Азра Башиќ, Кијмет Дикер и во финалето славеше против Хрватката Лаура Фучиќ со 1-0.

За освоената титула и за она што следи, ЕП во Данска, Костовска вели:

„Станав балкански шампион. Имав четири напорни борби со претставнички на Србија, Босна и Хрецеговина, Турција и во финалето на Хрватска. Напорно се подготвував, како физички, така и психички. Ова ми беше само генерална проба и потврдување на местото во репрезентација за европското првенство во Данска во февруари, за кое уште понапорно ќе се подготвувам“.

Вероника Костовска искажува голема благодарност до нејзиниот тренер Елвир Куртановиќ.

„Тој ме водеше во сите борби. Му благодарам на Самир Куртановиќ кој поради оправдани причини својата поддршка ми ја даваше од дома. Исто така голема благодарност до моите клупски колеги кои несебично ме бодреа и ми ја даваа својата поддршка“.

За ЕП во Данска и можноста повторно да се закити со медал,односно европска титула Костовска рече:

„Ништо не би сакала да ветувам, можам само едно да кажам, дека ќе везбам напорно , упорно и ќе дадам се од себе да се прикажам во најдобро светло, а успехот ги прати храбрите и упорните“.

Да потсетиме дека нашата репрезентација на првиот ден на Балканското првенство освои 7 медали – 1 златен, 1 сребрен и 5 бронзени.

Резултати
-61 кг
Вероника Костовска – Моника Јуришиќ (Србија) 2-0
Вероника Костовска – Азра Башиќ (БиХ) 3-0
Вероника Костовска – Кијмет Дикер (Турција) 1-0
Финале
Вероника Костовска – Лаура Фучиќ (Хрватска) 1-0

Ipon.mk

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО