АМС вети награда за бронзениот Петар Арсовски, без да каже во колкав износ ќе биде!

Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денеска го прими Петар Арсовски, бронзениот боксер од неодамнешното Еевропско првенство за млади во Софија, искажувајќи радост за неговиот голем успех.

Тој потенцира дека е среќен што македонскиот бокс полека добива наследник на Вели Мумин и истовремено вети награда за бронзениот Арсовски, без да прецизира колкава ќе биде таа.

„Честитки за Петар, кој после многу години направи одличен резултат за македонскиот бокс. После толку години имаме млад шампион, кој се надевам дека ќе продолжи по стапките на Вели Мумин. Стоиме на располагање за помош и се надевам дека во следните циклуси ќе имаме уште многу Петари кои дефинитивно ќе направат многу за нашиот бокс. Ова е еден почеток кој нас засега ни фалеше. АМС нивните успеси ги вреднува, така ќе биде и со Петар и тој ќе биде награден од наша страна, истакна Мојсовски.

Арсовски на ЕП стигна до полуфиналето, каде што загуби од домашниот боксер Љубосав Методиев, но и покрај тоа дојде до посакуваниот медал. Поради тоа, тој веќе доби награда од 120.000 денари од Боксерската федерација на Македонија.

За големиот успех и освоениот вреден медал зборуваше и Петар Арсовски кој се заблагодари за поддршката што ја добива од Агенцијата за млади и спорт.

– Овој спорт бара огромна жртва. Особено првиот меч каде што ги изгубив и двете рунди беше многу тешко, беше драматично. Требаше претходно да се запне со сите сили и целосен напор, немаше простор за попуштање. Веќе втората борба бев повитален во сите три рунди и таму беше малку полесно. Во полуфиналето, во третиот меч Бугаринот смисли многу добра стратегија за мене и за тоа честитки, таму ме победи, но тој го избегна машкиот дуел и таму за жал изгубив. Со него сум боксувал веќе три пати. Јас го имам еднаш и него победено, меѓутоа овој пат добро ме проценија, ме проучија како боксувам. Сакам да се заблагодарам на сите коишто ме поддржуваа за да го освојам овој медал и се заблагодарувам уште еднаш на сите.

Претседателот на Боксерската федерација, Примислав Димовски во овој успех гледа нов почетокот за македонскиот бокс, по како што рече, стагнацијата поради пандемијата.

– Овој успех може некој да каже дека е изненадувачки, за нас не толку затоа што Петар со години тренира и учи во специјализирано училиште во Софија за боксерскиот спорт, така што за нас и не е толку изненадување. Малку парадоксално изгледа, но домашниот бокс буквално е во стагнација поради короната, памтиме сите последните две години активностите се на минимум, и овие успеси пред две години на Адријан и сега на Петар буквално не одржуваат во „живот“ и ја оправдуваат помошта што ја добиваме од Агенцијата, потенцира Димовски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО