Конор Мек Грегор: Макс Холовеј ќе почувствува колку сум опасен

Поранешниот шампион на УФЦ во две катергории, Конор Мек Грегор, покажува самодоверба пред долгоочекуваното враќање во октагонот. Ирецот верува дека искуството ќе му даде предност против Макс Холовеј во главниот настан на УФЦ 329.
Мек Грегор не се борел од 2021 година, но е убеден дека останува еден од најопасните борци во светот и има намера да го докаже тоа на 11 јули во Лас Вегас.
„Многу сум поискусен. Не сакате да бидете во октагонот со мене. Опасен сум насекаде. Можам да ве нокаутирам од каде било и токму тоа планирам да го направам. Макс Холовеј е сосема поинаква ѕверка. И тој ќе го почувствува тоа“.
Судирот Мек Грегор-Холовеј ќе биде една од најочекуваните борби во годината. Двајцата веќе имаат историја, откако се сретнаа во 2013 година, кога Ирецот победи со едногласна одлука.
Сега, повеќе од една деценија подоцна, Холовеј ќе бара реванш, додека Мек Грегор ќе се обиде да докаже дека и покрај долгото отсуство, тој сè уште припаѓа меѓу елитата на УФЦ.



