Хабиб Нурмагомедов ја откри цената на совршенството: Да се биде непоразен е огромен притисок

Легендата на УФЦ и член на Куќата на славните, Хабиб Нурмагомедов, даде интересно признание за психолошкиот товар на тоа да се биде непоразен борец. Русинот, кој ја заврши кариерата со импресивен скор од 29 победи и без пораз, објасни дека зад совршената статистика лежи огромна тензија и постојан притисок.
„Кога си непоразен, тоа е многу, многу тензија. Не сакаш да изгубиш, па затоа даваш сè од себе секој ден на тренинг“, рече Нурмагомедов, цитиран од профилот Фрик ММА на социјалната мрежа X.
Според поранешниот шампион, стравот од првиот пораз е тоа што ги тера борците да одржуваат максимална концентрација во секое време.
„Ако можев да го опишам со еден збор, тоа би бил тензија“, додаде Хабиб.
Малкумина во историјата на мешаните боречки вештини успеале да ги завршат кариерите без ниту еден пораз, што го прави достигнувањето на Русинот уште поимпресивно. Со години се сметаше за еден од најдоминантните борци во спортот, победувајќи голем број елитни противници и етаблирајќи се како една од најголемите ѕвезди на УФЦ.
Последната борба на Нурмагомедов беше на УФЦ 254 во октомври 2020 година на островот Јас во Абу Даби. Тој се соочи со привремениот шампион во лесна категорија Џастин Гејџи и победи со завршница во втората рунда.
Тоа беше 29-та последователна победа во неговата професионална кариера. Кратко по борбата, Хабиб го изненади ММА светот објавувајќи го своето пензионирање од спортот.
Денес, Нурмагомедов останува една од највлијателните фигури во боречките спортови, а неговите зборови нудат интересен поглед на другата страна на успехот. Додека непоразениотскор може да им изгледа како совршенство на фановите, за еден борец тоа често значи секојдневен притисок, одговорност и постојана борба со сопствените очекувања.



