Џарел Милер пред мечот против Фабио Вардли: Ќе го нокаутирам

Двајцата големи тешкаши, Фабио Вардли и Џарел Милер, се согласија на борба за привремената титула на ВБА на 7-ми јуни, а својата борба ја промовираа на саботниот настан во Манчестер, каде Филип Хрговиќ го победи Џо Џојс.

Вардли и Милер ќе се борат на фудбалскиот стадион Портман роуд во Ипсвич Таун. Непоразениот Фабио влегува во овој меч откако во октомври минатата година во реванш со брутален нокаут во првата рунда го совлада Фрејзер Кларк.

Со победата стигна до скор од 18-0-1, а набргу по триумфот ја ослободи титулата на Британија со надеж дека во иднина ќе обезбеди меч за светска титула. Тој требаше да се бори со Кубрат Пулев, но Милер влезе и ја прифати борбата.

И Биг Бејби се врати во рингот минатата година по поразот од Даниел Дубоа во декември 2023 година и ремизираше против поранешниот светски шампион Енди Руиз Јуниор.

Американецот своевремено беше поврзуван со Дерек Чисора, но британскиот ветеран договори меч против Ото Валин.

Победникот од дуелот меѓу Вардли и Милер ќе направи голем чекор кон меч за светска титула.

„Милер веќе се бореше со големите момци, тој е во првите десет. Сакам да се борам за светската титула, а мојот квалитет ќе го докажам против еден од тие врвни момци. Тој носи енергија и сурова борба во рингот, знаете што да очекувате. Сигурен сум дека ќе им понудиме на навивачите убаво време“, изјави Фабио Вардли и додаде:

„Борбата во мојот роден град Ипсвич за мене е остварување на сонот. Борбата за светска титула на Портман роуд ми значи се. Пред мене е тежок противник, но за тоа живеам. Подготвен сум да копам длабоко, да одам во битка и да го оставам сето тоа во рингот. Ќе биде војна и едвај чекам да и приредам на мојата публика спектакл што никогаш нема да го заборават“.

А Џерел Милер вели дека ќе му зададе многу тешкотии на Вардли и ќе го заврши мечот пред да се огласи последниот удар во гонгот.

„Ќе го нокаутирам, не е важно дали е шеста, седма или осма рунда. Дефинитивно ќе го сопрам со нокаут, а претходно навистина добро ќе го натепам“, нагласи Американецот.

Боксерскиот промотор Френк Ворен е особено задоволен што ќе се оствари сонот на Фабио да се бори во неговиот роден град на стадионот Портман роуд.

„Разговараме за тоа уште од нашата прва средба и знам колку му значи Ипсвич Таун. Верувам дека ова е совршена борба за Фабио да го направи својот следен чекор. Но, Милер не е лесен противник со оглед на неговата големина и боречки стил“, нагласи Френк Ворен.

Нивната пресметка, при која се случи инцидентот, официјално беше претставена во понеделникот.

Во еден момент Милер се нафрли на Вардли и му удри шлаканица по глава, по што Британецот ги загуби нервите и се обиде да возврати.

Но, обезбедувањето веднаш интервенирало и ги раздвоило борците.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON