Дмитри Бивол му се одмазди на Артур Бетербиев за поразот од минатата година, а во реваншот на боксерскиот спектакл во АНБ арената во Ријад ја освои титулата неприкосновен светски шампион во полутешка категорија. Киргистанецот победи со мнозинска одлука.
Бивол (24-1, 12 КО) триумфираше со одлична тактика од средината на мечот кога ја презеде целосната контрола над борбата и со агресивен пристап собираше поени.
Киргистанскиот борец брилијантно го отвори меч, но Бетербиев (21-1, 20 КО) го ослободи речиси целиот свој арсенал од четвртата до шестата рунда, казнувајќи го противникот со силни удари во телото, особено во третата и четвртата рунда.
Тој продолжи да притиска во следните две рунди, а потоа Бивол наеднаш го засили темпото и ја сврте ситуацијата во вториот дел од борбата.
На Бетербиев му беше јасно дека во 12. рунда мора да бара прекин за да го совлада подобриот Бивол, кој цело време одлично се движеше, не дозволувајќи му на противникот сериозно да му се закани.
Во финалето на мечот Артур сепак доживеа уште неколку опасни удари, а Дмитри го заврши мечот со расекотина над левото око, но тоа не му пречеше премногу, бидејќи стана нов апсолутен шампион.
Еден судија го бодуваше мечот 114-114, додека другите двајца му дадоа предност на Биво: 116-112 и 115-113.
„Не сакам да зборувам за судиската одлука. Ова е тежок момент за мене. Честитки за Бивол и неговиот тим“, рече Артур Бетербиев и продолжи:
„Не знам што тргна наопаку. Оваа борба беше подобра од првиот пат. Всушност, не го ни сакав овој втор меч. Тоа не беше мој избор. Но, нема проблем. Сега можеме да ја направиме третата борба. Дефинитивно ќе се вратам“.
Тоа е најголемата победа во кариерата на Киргистанецот.
„Поминав низ многу работи во последно време, а по поразот на првиот меч почувствував мало олеснување. Не чувствував никаков притисок пред реваншот. Сакав да покажам што знам и тоа го направив, бев подобар и победив“, изјави Дмитри Бивол, додавајќи:
„Бев полн со самодоверба и навистина сакав да победам. Беше тешко да се држи на дистанца, но кога се умори помислив дека морам да упатам повеќе чисти удари. Подготвен сум за секој нов предизвик, но прво сакам да се одморам. И јас бев повреден“.