Пресврт на повидок? Нема реванш меѓу Топурија и Волкановски, и двајцата ги чекаат други противници?

Бо Никал на својот јутјуб канал пред неколку дена откри дека Илија Топурија и Александар Волкаоновски ќе го предводат настанот УФЦ 314, кој ќе се одржи на 12 април во Мајами. Пред да дојде каква било официјална потврда од УФЦ, Никал се нафатил да ја открие големата вест.

„Официјално е. Тоа го кажувам со сигурност. Не знам дали официјално ја потврдија борбата, но знам дека се е договорено и со ова ја најавувам таа борба (Волкановски – Топурија 2). Може да бидам на таа борбена карта. Тоа е картата со која се обидувам да упаднам и да одработам борба. Во април, Мајами“.

Неколку дена претходно и самиот Волкановски изјави дека планира да се врати во кафезот во текот на третиот или четвртиот месец годинава, а се претпоставуваше дека го чека реванш со Топурија. Но, се чини дека на повидок е пресврт, или подобро кажано, Никал има погрешни информации.

На социјалните мрежи од синоќа кружат информации за сосема поинакви планови од УФЦ. „Се шушка“ дека следен противник на Топурија нема да биде Волкановски, ниту пак Топурија следниот пат ќе се бори во перо категорија. Илија наводно ќе добие шанса да се бори за појасот во лесна категорија против Ислам Махачев, а целта е тој меч да биде главен на настанот УФЦ 316 (во јуни оваа година). Напоменуваме дека оваа информација доаѓа од неколку различни извори на социјалните мрежи, но треба да се земе со резерва, бидејќи сè уште е во доменот на шпекулациите.

Што ќе биде со Волкановски?

Се поставува прашањето за поранешниот шампион Александар Волкановски. Дали е повреден или го чека друг противник? Како што наведуваат истите извори, Волкановски навистина ќе се појави на УФЦ 314 настанот во Мајами, но противник ќе му биде Диего Лопез! Статусот на привремен шампион ќе биде во прашање, а победникот ќе добие можност да се бори со Топурија за појасот подоцна оваа година.

Диего Лопез дебитираше во УФЦ во мај 2023 година. Тој се вклучи на краток рок само пет дена пред настанот УФЦ 288, заменувајќи го повредениот Брајс Мичел. Лопез се бореше против непоразениот Мовсар Евлоев, беше огромен аутсајдер, но приреди фантастичен меч и ги воодушеви навивачите и покрај поразот. По поразот од Мовсар, Лопез забележа пет настапи и забележа исто толку победи. Моментално е трет во рангирањето на предизвикувачите, а е многу атрактивен борец, дава одлични натпревари и ја заслужува оваа можност.

Сега останува само да почекаме официјална потврда од УФЦ. Ќе биде ли во право Никал кога ќе каже дека ни претстои реванш меѓу Топурија и Волкановски или УФЦ ќе има поинакви планови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО