„Не ми се допаѓа тоа, сакам да го гледам Тајсон во повеќе големи борби! Ќе му дадам малку време, а потоа…“

Тајсон Фјури се најде на насловните страници оваа недела откако на социјалните мрежи објави дека се повлекува од боксот, иако не е прв пат да го прави тоа. Доколку овој пат остане на својата одлука, на љубителите на боксот ќе им биде ускратена долгоочекуваната борба против Ентони Џошуа.

Фјури претрпе два последователни порази во 2024 година (единствените два во кариерата) од Aлександaр Усик, во кои верува дека направил доволно за да победи. Усик стана апсолутен шампион со победата во првата борба, која заврши со поделена одлука на судиите, а откако подоцна мораше да го ослободи појасот на ИБФ, со едногласна одлука во реваншот ги одбрани другите титули (ВБА, ВБЦ и ВБО).

Веднаш по вториот пораз, Фјури почна да се поврзува со долгоочекуваната борба против Џошуа, бидејќи и „Еј Џеј“ претрпе пораз, со нокаут од Даниел Дубоа.

И покрај можноста да заработи огромни пари и да учествува во борбата за која фановите врескаат со години, „Кралот на Ромите“ наместо тоа го најави своето повлекување од боксот.

Познатиот саудиски боксерски промотор Турки Алалших и магазинот „Ринг“ ја наведоа Битката на Британија (Фјури против Џошуа) како една од борбите што сакаат да ја организираат оваа година. Зборувајќи за Токспорт Алалших рече дека ја почитува одлуката на Фјури, но исто така навести дека работите сепак може да се променат:

„Пред се, ваквата одлука мора да дојде од борците. Секако, како љубител на боксот, тоа не ми се допаѓа. Сакаме да го видиме Тајсон во повеќе големи борби, но можам да ја разберам неговата ситуација. Никогаш не се знае, ваква одлука може да се смени со текот на времето… Ќе го поддржам и ќе разговарам со него. Ќе му дадам малку време да биде со семејството, а потоа ќе разговараме“.

Многумина веруваат дека објавата за пензионирање е само тактика на Фјури за привлекување внимание и дека повторно ќе го видиме во боксерскиот ринг. Сепак, 36-годишниот Британец долго време (16 години) е во професионалниот бокс, а сумата на пари што ја заработи е огромна. Можеби навистина решил да се посвети на семејството, но кој знае. Ќе видиме!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО