Енди Руиз Јуниор би прифатил двојно помал хонорар за меч против Дионтеј Вајлдер

Извесно време се шпекулираше дека двајцата поранешни светски шампиони Енди Руиз Јуниор и Деонтеј Вајлдер би можеле да се сретнат во рингот.

Нивниот судир во ВБЦ елиминаторот беше нареден уште во ноември, но натпреварот не беше договорен.

Победникот од тој меч би добил шанса да се бори против шампионот Тајсон Фјури.

А причината зошто Вајлдер и Руиз не можеа да се договорат беше поделбата на хонорарите.

Имено, таткото на Енди изјавил дека понудата на Вајлдер била прениска, а Бронзениот бомбардер откри дека другата страна барала од 20 до 25 милиони долари.

Американско-мексиканскиот борец деновиве на Инстаграм изјави дека би го прифатил мечот против Дионтеј Вајлдер за двојно помал хонорар.

„Ќе се борам со него за десет милиони долари. Сакаат да ми понудат ова или она, но сето тоа е глупост. Сите знаат дека сум закана за него. Се жртвував многу за да стигнам до тука“, изјави Енди Руиз и откри дека тимот на Вајлдер му понудил милион долари, исто толку колку што добил за борбата против Луис Ортиз.

Тој се осврна и на можен меч за апсолутен светски шампион меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик и смета дека Џипси Кинг не ја сака таа борба.

„Фјури го избегнува Усик, тој е шарлатан. Во моментов сите бараат само лесни борби“, изјави Енди Руиз.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО