Светскиот шампион на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО, Александар Усик, тврди дека Ентони Џошуа нема да го нокаутира.
Реваншот меѓу Џошуа и Усик ќе се одржи на 20 август во Саудиска Арабија. Ѕвездата од Украина засега не знае за пораз. Тој е непоразен во рингот и има 19 победи во 19 борби.
Првата нивна борба се одржа во октомври 2021 година во Велика Британија. Победник беше Украинецот кој доминираше над Џошуа во 12 рунди и му ги одзеде титулите на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО.
Сега е време за втората епизода од овој судир, а Усик верува дека ќе ја добие.
„Ентони ќе ме нокаутира? Нека мисли така. Првата борба со него многу пати ја гледав со тимот. Ги гледаме грешките, ги анализираме за да се увериме дека нема пак да ги повторам.
Признавам дека не размислувам за Џошуа. Навистина не ми е грижа дали ќе има нова тактика или нов тренер. Фокусиран сум само на себе.
Работиме напорно, поставуваме нови цели и со Божја помош ќе бидеме подобри. Дали Џошуа е предвидлив во рингот? Да!“, истакна Усик за Гардијан.