
Успешен настап за македонската натпреварувачка Андреа Нисева на Кроација опен која во категорија до 61 килограм во У-17 забележа три ефектни победи и убедливо го освои првото место и златниот медал.
Со одлични борби, борбеност и техничка подготвеност Нисева уште еднаш покажа дека припаѓа меѓу најдобрите млади борачки во Европа. По барање на организаторот беше организирана ревијална борба меѓу двете најдобри борачки на турнирот и медалистки од последното Европско првенство.

Во оваа атрактивна ревијална борба се сретнаа Андреа Нисева и Зсóфиа Јунг од Унгарија, златна медалистка во категорија до 65 килограми. Борбата заврши со убедлива победа на Нисева со резултат 8-0 и туш, што предизвика големо воодушевување кај публиката. Борбата беше наградена со силен аплауз и претставуваше вистинска атракција и достоен завршеток на турнирот.
Овој турнир беше уште еден од контролните настапи за Андреа. Следува уште еден контролен турнир во Турција пред Европското првенство кое ќе се одржи во мај во Самоков, Бугарија, каде што ќе настапи за бугарската репрезентација.



