Жарко Костовски: Негативна селекција!

Минатата недела се одржа фудбалскиот натпревар во групната фаза помеѓу екипите на Вардар и Реал Сосиедат, за кој сите знаеме резултатски како заврши. После тој пораз тренерот на ФК Вардар присуствуваше на прес-конференцијата и ги искажа своите видувања за средбата и за тоа како да се продолжи понатаму во циклусот на натпревари. На истата прес-конференција, како голем спортист и спортски работник, ја презема вината за лошиот резултат.

И сега некој ќе се запраша, што има тоа врска со сениорското карате?

Што да се каже?

Дебакал на македонското карате на меѓународната сцена во сениорска конкуренција по трет пат за два месеца! На сцената на која до изминатава година се освојуваа медали, па дури и наши каратисти стануваа прваци и медалисти во генерален пласман по завршувањето на циклусот (Наташа Илиевска, Огнен Груевски, Мартин Несторовски, Жарко Арсовски и Симон Антиќ, …). А сега? Сега сведоци сме на сосема друга слика Лајпциг, Истамбул, Салзбург!?

Нормално сите очекувавме какво било објаснување, коментар, насоки за наредниот период, преземање на вината, како што веќе го посочив примерот со стратегот на ФК Вардар, затоа што јавноста, подржувачите и познавачите на карате спортот имаат право да го слушнат и знаат тоа.

Спортистите се истите, постари и поискусни за една година, со дополнување на неколку помлади каратисти кои се наметнаа со својот потенцијал во претходниот циклус и на европските првенства.

Значи, не се во прашање спортистите, затоа што, нивната желба и мотив растат како што се ближи времето на ОИ во Токио. Тогаш, проблемот треба да се бара на друго место. А каде ако не во организационата поставеност на КФМ и нејзините извршни и стручни тела. Ваква алармантна ситуација секој добронамерник и познавач на карате спортот ќе го натера да направи детална анализа на досегашните случувања, да ги детектира и признае и сопствените грешки, и итно да ги консолидира редовите, за да се оправи работата.

Или можеби повторно во месец февруари ад-хок ќе го викнете така наречениот „стручњак“ за сите спортови, па и за карате,и ќе им изготви и спроведе базични подготовки на репрезентативците за пролетниот циклус, тогаш ќе ја видиме и доживееме истата слика.

Не сакам да калкулирам со претпоставки зошто е тоа така сторено, но нормално е и да се запрашаме зошто? Која е целта? И Со каква позадина? Кога, од друга страна, не сакате да соработувате со компетентни лица. За потсетување, во Македонија постои Факултет за спорт на кој што се изучува и каратето како спорт, а на спортска насока е избран редовен професор по карате кој е човек од карате спортот, поранешен натпреварувач, со завршен магистериум и докторат од проблематиката на карате, со објавени преку сто научни и стручни трудови во странство, врзани за карате. Визитинг професор на неколку Универзитета, добитник на престижна награда од страна на УКИМ „Научник на година“, бивш тренер и селектор на сениорската репрезентација на Македонија. На истиот тој Факултет и кај истиот тој професор, дипломирале, магистрирале и докторирале, елитни карате спортисти, тренери и селектори на репрезентации(доц д-р Чупина С., д-р Заборски Б., д-р Станковиќ Н., д-р Асани К., м-р Гаџовски И., дипл. трен. Савевски Д., м-р Недев А., …).

Кога менаџментот на КФК не сака да соработува со таква личност, туку со некојси така наречен „стручњак“ за карате, тогаш сигурно ќе се постави прашањето зошто е тоа така? Дали е тоа поради фактот дека тој „експерт“ работи во Агенцијата за млади и спорт? И што од тоа? Зошто првиот човек на КФМ и ИО, се одлучуваат по не знам кој пат за негативна селекција (во наредните обраќања многу повеќе примери), која за жал владее во многу пори на нашево општество, па оттаму зошто ние би се разликвале!?

Некој можеби ќе се запраша што е негативна селекција?

Тоа претставува состојба кога не може најкомпетентните да бидат таму каде што треба, бидејќи со поставените критериуми ги засенуваат останатите, им кажуваат каде им е местото, па поради тоа најдобар одбрамбен механизам е воспоставување на негативната селекција.

Во оваа држава постојат луѓе што откако ќе го испијат утринското кафе, праватп ланови како сопствениот бофал ќе го продадат како А-класа (цитат одпроф. д-рВенко Андоновски).

Ееееее таа чудесна Македонија!

Кога ќе се земе во обѕир и фактот дека во Извршниот одбор на КФМ седат редовни професори, докторанти, магистри, доктори, правници итн, уште повеќе ќе се запрашате што прават овие луѓе со видни титули од спортот а дозволуваат ваков начин на работење?

Во минатиот допис напишав дека каратето во Македонија доживеа неколку етапи, пред се од осамостојувањето (а и пред тоа) до денес. Во овој спорт свој придонес дадоа многу поранешни и сегашни каратисти, многу стручни лица и многу спортски работници. Високите спортски резултати не се постигнуваат преку ноќ или како резултат на моменталната поставеност во КФМ. Континуитетот на работата, стручноста, самопожртвуваноста, истрајноста, искуството, организираноста, се само дел од аргументите за постигнување резултат.

Од 1991/92 кога Македонската карате федерација беше примена како членка на Светската и Европската карате сцена, многу каратисти, тренери и спортски работници, даваа се од себе за претставувањето на македонското карате и Македонија како држава секаде низ светот. Се потрошија многу средства, време, личен труд и авторитет со единствена цел.

Само за потсетување, првите сениорски резултати за коишто се добија и првите стипендии и награди од страна на Агенцијата за млади и спорт, ги постигнаа Жарко Арсовски и Ардита Исени на Европското првенство во Москва 2004 гоидна. Потоа се редеа уште многу високи достигнувања, како репрезентативни така и клупски (да не ми забележуваат познавачите на карате спортот и тренерите, во моментот правам осврт на сениорски репрезентативни резултати, не сум ги заборавил јуниорските и кадетските резултати, ниту пак имам намера да ги потценам). За целиот овој напомнат период со чест на поединци, сегашните членови на ИО и некои од телата во КФМ не беа присутни воопшто во карате спортот, па некои дури ни во државава.

Затоа, моменталните случувања во КФМ ги болат сите оние кои во целиов овој период дале дел од себе за развојот на карате спортот во Македонија, и поради сите нив си давам за право да ги анализирам случувањата во карате спортот.

-продолжува-

Пишува
Проф. д-р Жарко Костовски
Редовен професор на Факултет
за физичко образование, спорт и здравје

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО