20-те земји кои најавија бојкот на претстојното Светско првенство во бокс за мажи ќе учествуваат на алтернативен турнир што би можел да се одржи во Холандија.
Ова го соопшти шефот на Боксерската асоцијација на Нов Зеланд, Стив Хартли.
„Имав состанок на Зум ова утро со претставници од 20 земји од сојузот и ниту една од овие асоцијации нема да учествува на настаните на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) од сега па натаму.
Организираме и други турнири. Наместо машко светско првенство, алтернативен турнир ќе се одржи во Холандија“, изјави Хартли.
Светското првенство во бокс за мажи ќе се одржи во Ташкент од 1 до 14 мај. Светското првенство за жени ќе се одржи во Њу Делхи од 15 до 25 март.
Бојкотот е најавен затоа што на светското првенство ќе учествуваат боксери од Русија и Белорусија.