„Замина“ вљубеникот во карате спортот – Атанас Филиповски

Вчера „замина“ Атанас Филиповски, вљубеникот во карате спортот.
Во почетокот на седумдесеттите години се приклучува на КК Мирче Ацев од Ѓорче Петров.
Во 1982 година е дел од основачите на КК Аеродром, Скопје. Во КК Аеродром дава убав придонес во образување на интересентите за карате од Општината Аеродром.
Средината на деведесеттите години го оформува Мак вадо каи карате центарот и до последниот здив дава се од себе за напредокот на каратето како во неговиот клуб, така и во разни органи на КФМ и останати организации и здруженија.
Ќе остане споменот за неговата пожртвованост кон каратето.
Атанас Филиповски роден е во с.Сулдурци, радовишко, на 22-ри септември 1946 година, потоа живее во Крива Паланка и во Скопје.

Познат е по својата професија како градежен инженер, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје од 1996 година по предмети од областа на металните конструкции и испитувањето на конструкциите. Проф. д-р Атанас Филиповски магистрирал на ИЗИИС во 1978, а докторирал на Градежниот факултет во Скопје во 1988 година. Има објавено учебници по метални, челични конструкции за Градежниот и Архитектонскиот факултет, единствени во земјава, кои се користат и од специјалистите во практиката.

Во КФМ беше истакнат функционер цела деценија, во кои во два мандата беше член на Извршниот одбор, од 2002 – 2006 и од 2008 – 2012 година. Во периодот 2004 – 2008 беше генерален секретар на КФМ.

Покрај тоа, Филиповски беше и член на  Натпреварувачка комисија на КФМ, комесар на натпревари, заменик селектор во кати и претседател на Карате клубот “Маквадо”.

Најистакната спортистка од неговиот клуб е Ивана Димитрова, членка на ката тимот на КФМ кој го освои првиот и единствен бронзен медал екипно на Европското првенство за сениори, одржано во Тенерифе 2005 година. Исто така и Илија Димитров, долгогодишен репрезентативец во кати, учесник на повеќе европски и светски првенства.

Каратето во Македонија загуби признат спортски работник, кој како голем професионалец во својата струка, даде значаен придонес во развојот и популаризацијата на карате спортот, посебно во вградувањето на информатичката технологија во водењето на натпреварите.

Вечна му слава, нека почива во мир.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО