За прв пат Македонија без претставник на Европското првенство!

primislav dimovski

За прв пат во историјата откако македонската репрезентација во бокс настапува на Европските првенства, а тоа е од 1996 година, нема да има свој претставник на континенталниот шампионат што се одржува во бугарскиот град Самоков викендов.

Сериозен кандидат беше супертешкашот Примислав Димовски, но поради разочарувачката ситуација во Боксерската федерација на Македонија тој не отпатува за Бугарија.

„Прва година не настапуваме на ЕП. Јас бев единствениот кандидат, иако немав комплетни подготовки, се нафатив да ги бранам боите на нашата земја. Од друга страна, нема никакви активности и на домашен терен. Јавна тајна е дека сметката е блокирана, сепак, не се прават никакви активности. Се поставува прашањето до претседателот на Федерацијата, што се случува со боксот во Македонија? Што понатаму?

Предолго време е ваква ситуацијата. Практично, Федерацијата не постои“, изјави за ipon.mk, Примислав Димосвки.

vojo  nastevski

Претседателот на БФМ, Војо Настевски, вели дека сметката е блокирана и никој не сака да помогне. Сметката на БФМ е блокирана поради извршно судско решение за смртта на боксерот Ѓокица Неделковски во 1998 година, кој настапуваше за репрезентацијата на Македонија во Грција.

„Треба и некој друг да се грижи за репрезентацијата. Никој не сака да се погрижи. Се обратив и во АСМ, но и до родителот на детето за да се симне извршното решение и да може на рати да го исплаќаме долгот. Откако почнаа да одат работите во насока на разбирање и решавање се случи трагичен настан, почина мајката на боксерот. Пративме писмо со сочувство до фамилијата. Се се случуваше во овој период“, вели Настевски.

Тој истакнува дека Федерацијата не може да функционираме без минималните средства. Тој посочува дека молел луѓе да помогнат, потоа МОК, АСМ. Од МОК му рекле дека ги потрошиле парите за Европските игри во Баку.

„Последните 24 часа баравме решение. Во разговор со Бугарите ни прифатија двајца боксери, затоа што едниот настапувал за Германија, но по наша молба германската федерација го ослободи од обврските и сега може да настапува за нашата репрезентација. Инаку, на ЕП требаше да патуваат Амит Еминовиќ, Исак Сулејмани и Примислав Димовски“, потенцира претседателот на БФК, кој додава дека Општина Шуто Оризари не сакала да го помогне Сулејмани, кој е голем талент.

Настевски вели дека пополека се средуваат некои работи и дека годинава имало учество на 7-8 турнири во регионот и дека наесен ќе стартува Лигата и ќе се одржи Златниот гонг.

Според него, само со професинално бавење може да имаме успеси, како што го покажавме тоа во изминатите години.

 ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО