АктуелноЕвропски првенстваЏудо

Во четврток почнува Европското џудо првенство за кадети во Скопје

Во четврток почнува Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, во организација на Европската џудо-унија (ЕЏУ), кое од четврток до недела ќе се одржи во Скопје. Под мотото „Младите ѕвезди на иднината“, овој престижен настан ќе ги собере најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои ќе се натпреваруваат за европските медали и ќе ги покажат својата сила, техника и спортски дух.

Скопје ќе биде домаќин на 42 репрезентации од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија. Бројката на натпреварувачи е ограничена на 20 за сите земји учеснички, а според последните информации 442 млади натпреварувачи ќе се борат за медали.
Заедно со нивните тренери и членови на стручните штабови, претставници на федерациите, но и првите луѓе на Европската џудо-федерација, вкупната листа на гости што ќе пристигнат во Скопје се очекува да биде околу 700.

Зборови на добредојде пред годинашното Европско првенство во џудо за кадети во Скопје писмено упати и претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот.

Од џудо федерацијата на Македонија која е технички организатор на настанот реферираат дека сите технички подготовки се навремено завршени согласно највисоките стандарди на европската џудо унија, и со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на идните ѕвезди на европското џудо.

„Првпат Македонија е домаќин на европско првенство во џудо и горди сме што ги отвораме нашите врати за талентираните млади џудисти и посветените поддржувачи од целиот континент. Џудото нѐ учи на дисциплина, почит и на стремеж кон совршенство, вредности што длабоко ги негуваме. Ова првенство ќе биде прослава на младоста, решителноста и иднината на нашиот сакан спорт. Возбудени сме што ги гледаме ѕвездите во подем на европското џудо како се натпреваруваат со страст и спортски дух и веруваме дека татамито во Скопјe ќе стане сцена за незаборавни достигнувања и доживотни спомени“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо федерацијата на Македонија.

И додека организациските подготовки финишираат, македонските репрезентативци во базата во Скопје ги оддржуваат последните заеднички тренинзи. Селекторот Игор Паскоски заедно со тренерот Александар Фузевски во координација со стручниот тим, следните неколку дена пред почетокот на ова престижно натпреварување ќе ги одработат завршните подготовки кои претежно се базираат на регулирање на тежинските категории како и техничко тактичка и психолошка подготовка на нашите репрезентативци.

Европското првенство започнува во четврток, 26 јуни во 9 часот, а интензивната програма исполнета со многу борби ќе трае се до сабота, 28 јуни. Свеченото отварање на настанот е закажано за во четврток во 16 часот.

Фото: ЏФМ

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON