Вардар прв на Mеморијалниот турнир „Бојан Рангелов & Насе Насев“ (ФОТО)

Вчера во Спортскиот центар „Иван Хаџи Николов“ во Радишани, се одржа Меѓународниот меморијален турнир „Бојан Рангелов & Насе Насев“ во организација на Боречки клуб Вардар, при што домаќинот ја одбрани титулата од минатата година.

Вардар настапи во трите боречки дисциплини – грчко-римски, слободен и женско борење. Во слободен стил клубот ја одбрани минатогодишната титула и повторно се искачи на врвот пред екипата на Левски (Бугарија). Во грчко-римски стил Вардар се пласира на второто место, додека во женска конкуренција Анастасија Трачева (57 кг) се закити со злато.

Настанот собра бројни домашни и меѓународни екипи, во чест на двајцата великани на македонското борење.

Женско борење
Најуспешни поединечно
50 кг – Зулфија Собирџонова (Узбекистан)
53 кг – Никол Александрова (Бугарија)
57 кг – Анастасија Трачева (БК Вардар)

Грчко-римски стил
Во грчко-римскиот стил, екипата на „Васил и Георги Илиеви“ од Бугарија успеа да ја одбрани минатогодишната титула, додека БК Вардар се закити со второто место, покажувајќи одлична форма и борбен дух.
Слободен стил
Во слободен стил, БК Вардар повторно ја потврди својата доминација и ја одбрани минатогодишната титула, со тесна победа пред силната бугарска екипа Левски.

Шампионскиот состав на Вардар за 2025 година го сочинуваа:
57 кг – Мартин Кумановски
65 кг – Димитар Качурков
74 кг – Стефан Зашков
79 кг – Ахмад Магомедов
86 кг – Реџеп Таири
97 кг – Кире Малчев
Тренери на екипата беа Штерјо Митров и Гордан Николов.

Меморијалниот турнир го збогатија присуството на бројни спортски легенди и претставници на институции. Настанот свечено го отвори г-дин Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, кој изрази поддршка и благодарност до претседателот на БК Вардар, г-дин Љубиша Пешко, за успешната организација и зачувувањето на споменот на нашите тренери-великани.

Меѓу почесните гости беа и: Шабан Сејди – светска боречка легенда, Зоран Шоров – светска боречка легенда, Магомед Ибрагимов – светска боречка легенда, Гајдар Гајдаров – потпретседател на БК Вардар и Далибор Милановски – потпретседател на БК Вардар.
Во знак на пријателство и благодарност, пригодни подароци разменија г-дин Гајдар Гајдаров, г-дин Даниел Димевски и г-дин Шабан Сејди, додека на останатите гости им беа доделени плакети со ликот на Бојан Рангелов и Насе Насев.

БК Вардар упати искрена благодарност до сите учесници и гости на турнирот, а посебна благодарност беше упатена до градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, за поддршката и соорганизацијата на овој значаен спортски настан.



