Вајлдер и Нгану се сретнаа во рингот (ВИДЕО)

Две од најистакнатите имиња во тешките дивизии на ММА и професионалниот бокс – Френсис Нгану и Дионтеј Вајлдер се сретнаа на рингот!

Тоа се случи на тренинг сесијата на Бронзениот бомбардер. Двајцата се поздравија и си посакаа успех во идните пресметки.

Победничките машини во октагонот и во рингот минуваат низ тешки времиња во нивните кариери.

Френсис Нгану, кој е шампион на УФЦ во тешка категорија, се опоравува по операцијата на десното колено. Операцијата беше неопходна по успешната последна одбрана на појасот против Сирил Гане. Тој пред извесно време објави видео како изгледа неговото оперирано колено.

Дури и по операцијата, стана извесно дека закрепнувањето на Нгану може да трае дури девет месеци. За тоа време неговиот шампионски појас меѓу најтешките во УФЦ нема да биде празен, увери Дана Вајт. Многу е веројатно дека повторно ќе се користи привремена титула за да останат гладни за успех останатите тешкаши. Сепак, самиот борец увери дека се очекува да закрепне побрзо од очекуваното.

Нгану ги доби последните 6 борби во УФЦ со нокаут. Пред одбраната против Гане, тој го нокаутира Стипе Миочиќ кон крајот на март 2021 година, со што му ја одзеде титулата. Камерунецот ги победи и Картис Блејдс, Каин Веласкез, Жуниор дош Сантос и Жаирзињо Розенструик. Победата над секој од нив беше постигната за околу или нешто повеќе од 1 минута.

Со Вајлдер работите се поинакви! Поранешниот светски шампион во професионален бокс на ВБЦ не се борел од октомври 2021 година. Тогаш Тајсон Фјури го нокаутира во 11-тата рунда во главниот настан на боречката гала одржана во Лас Вегас. Борбата беше за светската титула на ВБЦ во тешка категорија. Во нивната пресметка „Џипси Кинг“ води со 2 победи, а првата средба заврши нерешено.

Вајлдер во професионалната боксерска кариера има биланс од 42 победи (41 со нокаут), 1 реми (против Тајсон Фјури) и 2 порази (и двата од „Џипси Кинг“), а дури се разговарало и дека се повлекува од боксот, но ова тврдење неодамна го поби самиот боксер. Претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман, изјави дека Дионтеј Вајлдер има намера да ја продолжи кариерата. Малку подоцна и самиот двометарски гигант потврди дека продолжува со професионалниот бокс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО