Усик во очи на реваншот против Џошуа: Мотивиран сум од борците кои се борат за независност на Украина

Александр Усик во сабота ги брани шампионските појас на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во тешка категорија против Ентони Џошуа.

Боксерскиот спектакл ќе се одржи во Џеда, Саудиска Арабија, каде што ќе ги гледаме и Хрватот Филип Хрговиќ и Кинезот Жилеи Жанг во елиминаторски меч за титулата на ИБФ.

Украинецот на денешната прес-конференција облече национална носија, и посочи кој најмногу го мотивира.

Имено, по руската воена инвазија на Украина, Александр веднаш се вклучи во одбраната на татковината.

Но подоцна реши да го прифати мечот против Џошуа и почна со подготовки.

„Мотивиран сум од луѓето кои се борат за нашата независност, слобода и култура во Украина, кои некои сакаат да ги уништат. Не сакаат повеќе да постоиме. Јас сум во контакт со луѓе на првата линија и постојано добивам пораки за поддршка од нив“, рече Александр Усик и додаде:

„Претседателот ме поддржува мене и целата земја. Секако дека ќе ја гледаат мојата борба и ќе навиваат за мене. На почетокот на инвазијата, тој не избега од Украина. Неговиот престој не мотивираше сите да се вклучиме во одбраната на државата“.

Во текот на неделата беа одржани неколку прес-конференции, на кои Усик се појави со плишано магаре, омилената играчка на неговата ќерка Елизабета.

„Таа ми ја даде играчката за да ми биде талисман. Заедно ја напуштивме Украина, но нашите патишта се разидоа. Добив играчка од ќерка ми и таа ми рече дека мора секогаш да биде со мене. Спијам со таа играчка, секогаш ми е блиску, ќерка ми ми рече да ја донесам и на прес-конференција“, откри Александр Усик и заклучи:

„Не знам дали ќе биде некаде во близина на рингот, но сигурно ќе биде во соблекувалната. Сакам да ги видам моите деца, мајка ми, сите се во Европа. Сакам да ги видам, да ги гушнам и да вечерам со нив. А после тоа се враќам во Киев“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО