Усик уверува: Ќе ја обновиме Украина дел по дел како мозаик!

Светскиот шампион во бокс во тешка категорија, Александар Усик, го насочи вниманието кон војната во родната Украина неколку дена пред борбата со Британецот Даниел Дубоа за да се одреди апсолутниот светски шампион.
38-годишниот Усик, кој е непоразен во професионалниот ринг и ги држи појасите на Светскиот боксерски совет (ВБЦ), Светската боксерска асоцијација (ВБА) и Светската боксерска организација (ВБО), ќе се соочи со носителот на титулата од Меѓународната боксерска федерација (ИБФ) Дубоа во сабота на стадионот Вембли во Лондон.
Првото јавно појавување на Украинецот оваа недела беше на плоштадот Трафалгар во британскиот главен град, каде што тој и милијардерот Ричард Бренсон открија реплика од украинскиот мозаик „Кестрел“. Оригиналот се наоѓа во градот Мариопол на Црното Море, кој е под руска контрола, и беше речиси целосно уништен за време на руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.
„Русија го уништува мојот роден град, мојата земја. Русија ги уништува болниците, Русија ги уништува училиштата, Русија ги уништува животите на Украинците“, им рече Усик на публиката.
„Но, ќе преживееме. Ќе ја обновиме нашата земја како овој мозаик – парче по парче“, додаде боксерот пред да ја напушти сцената.
Усик е по потекло од Симферопол, град на полуостровот Крим кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Кога не тренира, обично во Шпанија, Усик живее во Украина. Неодамна дури и го покани американскиот претседател Доналд Трамп да живее со него една недела.
Усик ќе одржи отворен тренинг во среда. Во четврток, тој и Дубоа ќе одржат заедничка прес-конференција, а во петок, мерење пред борбата.
Фото: Јутјуб снимки



