Усик поради подготовките за мечот, кој Фјури го откажа, го пропушти раѓањето на својата ќерка

Александар Усик го пропушти раѓањето на својата ќерка додека тренираше во Шпанија за борбата против Тајсон Фјури, кој минатата недела ја откажа борбата поради расекотина над десното око.

Украинскиот борец на 17 февруари требаше да боксира против „Кралот на Ромите“ во меч за апсолутен шампион во тешка категорија, но Фјури се повреди на спаринг меч со Хрватот Смакиќи.

Британецот од почетокот на годината тренира во Саудиска Арабија, додека Усик веќе неколку месеци се подготвува во Шпанија.

А минатиот четврток сопругата на Усик, Екатерина, која со борецот е во брак 15 години, роди ќерка, но Александар не можеше да биде со неа.

Парот сега има четири деца: Кирило, Михајло, Елизавета и нивната новородена ќерка.

„Не знам колку луѓе знаат за тоа, но Александар го пропушти раѓањето на своето дете поради подготовките за мечот против Фјури“, изјави за Мирор фајтинг спаринг партнерот на Усик, Емануел Одијасе.

Сопругата на Усик се породила во Украина.

„Тој остана во Шпанија на подготовки, а неговата сопруга замина во Украина, бидејќи сакаше таму да се породи. Тој беше толку фокусиран на кампот што остана во Шпанија и затоа не беше со неа. Можам само да замислам како се чувствуваше. Два-три месеци е во Шпанија, а пред неколку дена се роди неговата ќерка“, истакна Емануел Одијасе и додаде:

„Усик се чувствуваше одлично и изгледаше најдобро во овој камп, добро како и секогаш. И чувствуваше дека сè оди совршено. Во добра форма е, а потоа бум – борбата е одложена. Но, знам каков човек е тој и тоа нема да го спречи. Никој не го очекуваше тоа, но таков е животот. Сега мора да остане ладен, смирен и фокусиран на целта, не смее да дозволи ништо друго да му помине низ главата освен борбата, тоа не би било добро“.

Се чини дека Усик имал одличен тренинг-камп, бидејќи некои од неговите спаринг партнери морале да го намалат бројот на рунди по тешките удари од шампионот, барем така тврди Џони Нелсон.

„Подготовките на Александар беа на врвот. Тренираше како порано, јас бев во Турција во март минатата година кога се подготвуваше за нивната борба што требаше да се случи во април, но тоа не се случи. Навистина е во добра форма и апсолутно е подготвен за Фјури“, нагласи Емануел Одијасе.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО