Усик: Мојата Украина е поважна од шампионскиот појас

Реванш мечот за титулата во тешка категорија помеѓу боксерите Олександр Усик и Ентони Џошуа е доведен во прашање откако Украинецот се приклучи во одбрана на неговата татковина Украина која е нападната од Русија. Откако Русија на 24. февруари објави војна, украинските спортисти, а меѓу нив и боксерите се приклучија во одбраната на својата татковина.

Василиј Ломаченко, двократниот олимписки шампион изминатиот викенд се врати во Украина, додека поранешните шампиони во тешка категорија, браќата Владимир и Виталиј Кличко од претходно најавија дека исто така ќе се приклучат на одбраната на татковината.

Ломаченко се приклучи на територијалната одбрана на Одеса, додека браќата Кличко ќе го бранат Киев.
Актуелниот шампион во ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО верзиите, Олександр Усик исто така се приклучи на територијалната одбрана на Украина со што го доведе во прашање реванш мечот со Џошуа закажан за април.

Усик нема дилеми, за него одбраната на шампионските појаси не е приоритет за него во овој момент.

– Навистина не знам кога ќе се вратам во рингот. Мојата земја и мојата чест се поважни од шампионскиот појас – изјави Усик за Си-Ен-Ен.

Украинскиот боксер потоа упати апел со рускиот претседател Владимир Путин, да ја запре воената инвазија.

– Сакам да апелирам до претседателот на Русија, Владимир Путин. Можете да ја запрете војната, немојте да давате ултиматуми туку седнете на маса. Мораме да разговараме и да го запреме ова. Нашите деца, нашите мајки и баби, обични луѓе се кријат во подрумите. Ние сме во нашата земја и правиме што можеме. Ние се браниме. Запрете ја војната – порача Усик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО