Непоразениот украински боксер Александар Усик уште еднаш повтори дека Тајсон Фјури е најтешкиот противник со кој се борел во кариерата, но потенцира дека во реваншот очекува поинаков меч.
Усик на 21 декември во Ријад ќе ги брани шампионските појаси во тешка категорија на ВБА (Супер), ВБО и ВБЦа, откако во првата пресметка во средината на мај со поделена одлука го победи Фјури.
Украинецот потоа ги обедини појасите во кралската дивизија, а набргу потоа го напушти појасот на ИБФ, кој моментално е во сопственост на Даниел Дубоа.
Шампионот во едно неодамнешно интервју истакна дека и двајцата знаат што можат еден со друг, а очекува сосема поинаков меч.
„Бидејќи Тајсон знае што правам и јас знам што може тој да направи, тоа ќе биде поинаква борба. Фјури е мојот најтежок противник и имам голема почит кон сите мои противници, бидејќи боксот е тежок и многу опасен спорт“, рече Александар Усик и продолжи:
„Фјури е многу познат низ целиот свет, јас сум мал, а тој е голем човек. но сега не чека уште еден меч. Боксот не е игра. Кога ќе се вратам дома после борба, телото ми вели да не го повторувам тоа“.
Усик е непоразен во професионалната кариера, а доколку загуби од Фјури, многу лесно може да се договори трет меѓусебен меч. А доколку победи, постои можност да се врати во полутешка категорија, каде што беше и апсолутен шампион.