УФЦ нема врска со Рамзан Кадиров и неговиот клуб „Ахмат“

Анонимен претставник на УФЦ одговори на прашањето дали американската боречка организација има бизнис зделка со Рамзан Кадиров или со неговите претставници. Потсетуваме дека во 2017 година Министерството за финансии на САД воведе забрана за американската деловна соработка со шефот на Чеченската Република.

„УФЦ склучува договори директно со спортистите, а не со посредници како што се спортски сали и тимови. А спортистите имаат контрола врз многу аспекти од нивните кариери, вклучувајќи го и местото каде што тренираат.

И покрај фактот што голем број спортисти решија да тренираат во салата на Ахмат (борбен клуб основан од Кадиров во 2014 година), самата УФЦ нема никаква врска со клубот. УФЦ ревносно го следи почитувањето на релевантните закони во земјите во кои работи“, рече изворот, цитиран од Си-Ен-Ен.

Кадиров е поранешен воен лидер познат по својата бруталност и лојалност кон рускиот претседател Владимир Путин. Редовно е критикуван за наводни прекршувања на човековите права, вклучувајќи убиства, мачење и исчезнувања. Беше критикуван и за неговиот однос кон ЛГБТК заедницата и за неговата поддршка за руската инвазија на Украина.

Ибрахим Јангулбаев, водач на чеченското опозициско движење Адат против Кадиров, изјави за Си-Ен-Ен дека Чеченците не разбираат зошто меѓународна спортска компанија како УФЦ ќе дозволи борците поврзани со Кадиров да бидат поврзани со нејзината организација.

„Сите битки што се случуваат во Обединетите Арапски Емирати често ги посетува самиот Кадиров со неговата криминална банда. Веќе некое време кажуваме дека овие спортски организации треба да им забранат на борците на Кадиров да се борат“, рече тој.

Последното лично појавување на Кадиров на настан на УФЦ беше за УФЦ 242 во 2019 година во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. УФЦ одби да коментира за Си-Ен-Ен за континуираната вклученост на руските борци во нивните гала вечери.

Во 2017 година американското Министерство за финансии им забрани на американските бизниси да соработуваат со Кадиров, откако беше прогласен за „одговорен за вонсудски убиства, тортура или други груби прекршувања на меѓународно признатите човекови права“.

Три години подоцна, американскиот Стејт департмент го санкционираше Кадиров за вмешаност во бројни „груби кршења на човековите права кои датираат од пред повеќе од една деценија, вклучувајќи тортура и вонсудски убиства“.

Во 2021 година, американскиот Стејт департмент соопшти дека открил „постојани извештаи за киднапирања и тортура во Северен Кавказ, вклучувајќи и политички активисти, ЛГБТКИ+ поединци и други кои го критикуваат чеченскиот лидер“.

Привлечноста и влијанието на Кадиров врз некои од врвните спортисти на УФЦ се познати, но УФЦ како компанија жестоко негираше каква било поврзаност со чеченскиот лидер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON