Триумф на боречките спортови

 

Дарлев, Петровиќ, Велиќковска,
Зад шампионите стојат успешни професионалци.

Во Владата на Република Македонија беше доделена државната награда „8 Септември “ за 2014 година од областа на спортот. Добитници на државната награда за спорт се Ристо Дарлев (борење), Ленче Алексовска Величковска (карате), Мирослав Петровиќ (бокс), Бојан Рангелов(борење), додека наградата за животно дело ја доби Стеван Крстески.

Носителите на признанијата добија и парични награди и тоа државната награда за животно дело претставува и спортска пензија која ќе му се исплаќа во висина од една просечна плата во Република Макеоднија, на носителот до крајот на животот, додека за останатите четворица наградени следува еднократна исплата во износ на 10 просечни плати.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески на доделувањето на наградите рече дека симболот на независноста на нашата држава недвосмислено кореспондира со крајната цел на секој спортист – победата.

„Неслучајно пред три години токму на историски најзначајниот ден во РМ – 8 Септември, се воспостави државната награда за спорт со која државата ја валоризира вредноста и ја искажува својата благодарност до сите оние кои преку спортот успеаја да ја промовираат Македонија и да постигнат високи спортски резултати на меѓународно поле„, истакна Спасески.

Тој рече дека е посебно горд што помеѓу овогодинешните добитници на ова највисоко признание има и тренери и селектори кои се од исклучителна важност за секој спортист и спортски тим, како и спортски психолози кои во клучни моменти од натпреварувањата се од огромна поддршка за спортистите.

Претседателот на Одборот за доделување на наградата Зоран Радиќ честитајќи им на добитниците потсети дека на конкурсот за државната награда кој бил распишан од 19 април до 19 мај аплицирале 15 кандидати за признанието за остварувања во областа на спортот и четворица за животно дело.

Ленче Алексовска Величковска изразувајќи благодарност за доделената награда, рече дека тоа ќе и биде поттик и понатаму да работи со врвните спортисти на кои им го посветува ова признание. „Спортот значи дисциплина и ако делуваме тимски ќе има успех, бидејќи позади успешните спортисти стои експертски тим“, рече Алексовска Величковска.

На доделувањето на наградата присуствуваа претседателот и членовите на Одборот за доделување на државната спортска награда „8 Септември“, претставници од националните спортски федерации, од Македонскиот олимписки комитет, спортисти и спортски работници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО