Тренерот на Вајлдер го пофали настапот на Џошуа против Валин: Сега е многу порешителен

Ентони Џошуа ја затвори 2023 година со три победи. По Џермејн Френклин и Роберт Хелениус, минатиот викенд на боксерскиот спектакл во Ријад го победи и Ото Валин.

Поранешниот светски шампион веќе доби неколку повици за борба, но промоторот Еди Херн по настанот истакна дека Еј Џеј следната година треба да се бори за шампионскиот појас на ИБФ против првиот предизвикувач Филип Хрговиќ.

Но, треба да го почекаме исходот од мечот за апсолутниот светски шампион во тешка категорија меѓу Александар Усик и Тајсон Фјури кој беше најавен за 17 февруари, а доколку по таа борба поразениот побара реванш, ИБФ објави дека појасот ќе му биде одземен на победникот.

Многумина го пофалија последниот настап на Џошуа во Саудиска Арабија, каде штосо прекин по петтата рунда го совлада Валин, а сега им се приклучи и тренерот на Вајлдер, Малик Скот.

„Беше многу подобар од последните борби и порешителен. Кога застана пред Валин, веднаш тргна кон телото. Го удри Валин со лоши намери“, рече Малик Скот и продолжи:

„На секој обид на Валин одговараше уште побурно, постојано го скратуваше растојанието и тоа најмногу ме импресионираше кај него. Не го остави да мирува и по тој постојан притисок му го скрши носот на Валин“.

Тренерот на Вајлдер се задржа малку повеќе на перформансите на Џошуа.

„И, ако Еј Џеј упатуваше широки удари, веројатно ќе го исфрлеше Валин од рамнотежа. Но, Џошуа се задржа на тактиката од самиот почеток и постојано го удираше противникот право во носот. За да направите нешто такво, треба да бидете исклучително фокусирани и концентрирани на противникот. Џошуа направи неколку работи многу добро“, истакна Малик Скот и додаде:

„Имаше голем притисок врз него, а дојде до рингот и ја заврши работата најдобро што можеше, направи се што требаше за да победи. Мора да му признаеме на Еј Џеј дека беше навистина одличен и да му посакаме уште добри борби.

Дионтеј Вајлдер разочара од настапот против Џозеф Паркер на настанот во Ријад. Имено, Бронзениот бомбардер беше инфериорен во текот на мечот, а ниту еднаш сериозно не му се закани на Новозеландецот, кој на крајот победи со едногласна одлука на судиите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО