Тандемот за успеси, Трајковски и Стојановиќ ќе учествуваат на Светски игри на боречки спортови во Ријад

Двајца каратисти на Макпетрол, заслужено со изборен рејтинг, Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ, во текот на утрешниот ден ќе заминат да учествуваат на претстојните Светски игри на боречки спортови во Ријад, Саудиска Арабија.

Натпреварите за карате спортот ќе бидат во периодот од 18-22 октомври.

Во Саудиска Арабија на Светските игри на боречки спортови, ќе бидат застапени 16 боречки спорта, услов за учество на овие игри е да бидете во Топ 8 спортисти на Светската карате ранг листа. Имено во секој спорт и во секоја тежинска категорија ќе учествуваат само првите осум спортисти, оние кои се најдобро рангирани на своите светски ранг листи.

На игрите ќе земат учество 1700 спортисти во 16 спорта од 80 светски држави.

Витомир Трајковски ќе настапи во полутешка категорија (- 84 кг), додека Стефан Стојановиќ ќе не претставува во тешка категорија (+84 кг).

Нашите каратисти може да бидат хендикипирани ако со нив не отпатува тренер. Како што дознаваме, тренерот што го одредува КФМ се уште има проблеми со визата, како што го имаат и други тренери од светот. Се надеваме дека се ќе се среди, оти трофејниот тандем Трајковски-Стојановиќ заслужува тренерска поддршка за нова радост на македонската јавност.

Витомир Трајковски е 1 (прворангиран), на официјалната Светска ранг-листа на ВКФ / WKF (Светска карате федерација), додека, пак, Стефан Стојановиќ е 3 (треторангиран).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО