Такам: Историјата меѓу мене и Џошуа не е завршена

Карлос Такам очекува да добие реванш од Ентони Џошуа. Потсетуваме, во првиот меѓусебен судир, кој се одржа на 28 октомври 2017 година, Џошуа победи со технички нокаут во десетата рунда.

„Приказната меѓу мене и Џошуа сè уште не е завршена. Имаме незавршена работа со него. Сè уште чувствувам болка од овој пораз. Ја прифатив оваа битка со десет дена најава. Судијата ја прекина борбата и не разбрав зошто. Никој воопшто не ме предупреди дека може да се прекине.

Требаше два пати да се борам со Усик, но тоа не се случи. Тој не сакаше да се бори со мене. Имав тешки тестови во целата кариера, па зошто да запрам“, рече Такам на прес-конференција пред неговиот следен меч во рингот, а пренесе ДАЗН.

На 24 јули Карлос Такам ќе се сретне со Џо Џојс во Лондон. Мечот е во тешка категорија и е за интерконтинентална титула на ВБО, како и „сребрената“ титула на ВБЦ.

Карлос Такам има вкупно салдо од 39 победи (28 со нокаут), 1 нерешен и 5 порази (3 со нокаут) во професионалната боксерска кариера. Камерунецот, кој се натпреварува под знамето на Франција, е во серија од 4 последователни победи (над Сенад Гаши, Крег Луис, Фабио Малдонадо и Џери Форес).

Џо Џојс нема пораз во професионалниот боксерски ринг. 35-годишниот англиски боксер има биланс од 12 победи на 12 натпревари (11 со нокаут). Во неговиот последен меч Џојс му го нанесе првиот пораз на младиот талент Даниел Дубоа, нокаутирајќи го во 10-та рунда во судир за европската титула во тешка категорија, онаа на Велика Британија, како и интерконтиненталниот појас на ВБО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО