Тајсон Фјури вети дека наскоро ќе објави неверојатна вест

Британскиот боксер Тајсон Фјури го победи Дилиeн Вајт со нокаут во шестата рунда на Вембли минатиот месец и го одбрани појасот на ВБЦ во тешка категорија.

Во пресрет на натпреварот Џипси Кинг објави дека ова му е последна борба во кариерата, а тоа го повтори и по дуелот.

Но, шампионот во порака на Инстаграм ветува дека наскоро ќе објави неверојатни вести во време кога треба да се одлучи дали ќе го напушти појасот и ќе се пензионира или ќе ја продолжи кариерата.

„Еј луѓе, ова е Џипси Кинг. Наскоро доаѓаат апсолутно фантастични и неверојатни вести од кои ќе се онесвестите. Останете тука“, рече Тајсон Фјури во видеото.

Иако најави дека се пензионира, шампионот на ВБЦ е отворен за егзибициски натпревари, како против шампионот на УФЦ, Френсис Нгану.

И неколку луѓе блиски до него, вклучително и неговата сопруга Парис, веруваат дека Фјури би можел да биде во искушение и може да го одложи неговото повлекување доколку добие добра понуда.

„Наскоро ВБЦ ќе разговара со Тајсон Фјури и неговите промотери за продолжување на неговата кариера. Што и да одлучи, ќе го поддржиме. Сакаме да гледаме како борците се пензионираат додека се во полн сјај. Тој е непоразен шампион, а е финансиски обезбеден. Ќе бидам многу среќен доколку пензионирањето е неговата конечна одлука“, изјави претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман.

Фјури би можел да има можност да стане првиот апсолутен шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (1999 година), доколку реши да ја продолжи кариерата и да боксира против победникот од мечот Ентони Џошуа – Александар Усик.

„Никој нема да му каже на Тајсон Фјури што да прави“,  додаде промоторот Френк Ворен:

„Единствената личност која може да му каже што да прави е неговата сопруга Парис. Но, одлуката е на него“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО