Тајсон Фјури по одлуката да се повлече од спортот: Јас сум најдобриот тешкаш досега, тоа не можете да го оспорите

Синоќешната победа над Дилиен Вајт може да биде и последна победа во професионалниот бокс за Тајсон Фјури (32-0-1, 23 КО). 33-годишниот британски тешкаш најави повлекување, а доколку навистина се пензионира, ќе оди на врвот и непоразен.

Фјури зачекори во професионалните води кон крајот на 2008 година. Тој во првата рунда го нокаутираше Бела Ѓонгјоси и трпеливо ја градеше кариерата против не особено звучни имиња. Впрочем, тоа е она што го прават речиси сите боксери. На патот до самиот врв паднаа бројни имиња, но во неговото резиме сепак најмногу се истакнуваат Владимир Кличко и Дионтеј Вајлдер.

Фјури се повлекува пред да добие шанса да ги обедини сите појаси во тешка категорија. Многумина сметаат дека е навистина срамота ако Фјури навистина се повлече пред да се соочи со Џошуа или Усик. Сепак, „Џипси Кинг“ се смета себеси за најдобар тешкаш во историјата.

„Се надевам дека тој (Вајт) е задоволен од својот настап. Тој не се бореше против некој кој е само светски шампион. Јас не сум само светски шампион, јас сум легенда на овој спорт. Не можете да го негирате тоа, јас сум најдобриот тешкаш досега! Никогаш немаше некој што би ме победил, а знаете зошто?“, започна Фјури, а потоа следуваше објаснување.

„6’9“ (206 см) висок сум, имам околу 120 килограми, се движам како борец од средна класа, удирам како гром и можам да примам удари како ниеден друг, додаде „Џипси Кинг“ на прес-конференцијата.

Реалноста е дека малкумина ќе се согласат со неговите изјави, особено ако синоќа беше крај на неговата кариера. Има премалку одбрани на титулата во неговото резиме и тој едноставно се пензионира прерано за да се смета за еден од најголемите тешкаши досега.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО