Тајсон Фјури најави како ќе го реши Френсис Нгану, а веднаш му стигна одговор

Френсис Нгану зборуваше за своите боксерски амбиции за време на гостувањето на подкастот на Мајк Тајсон. Новиот шампион на УФЦ во тешка категорија откри дека сакал да боксира во помладите денови и би сакал еден ден да боксира против Тајсон Фјури.

Шампионот во тешка категорија на ВБЦ во моментов ги договара последните детали за боксерскиот спектакл против Ентони Џошуа, а покрај тренинзите, тој успева да се занимава и со други работи.

Во една од неговите последни објави на Твитер, Кралот на Ромите ја коментираше неодамнешната изјава на Френсис со фотографија на Мајк Тајсон и Нгану:

„Откако ќе го претепам Ентони Џошуа, ќе го решам и овој тип. Френсис Нгану е лесна работа“.

Камерунскиот удирач неодамна го победи Стипе Миочиќ со нокаут во втората рунда и го освои појасот на УФЦ. По триумфот имаше многу интервјуа, а бидејќи е активен на социјалните мрежи, не го пропушти коментарот на Фјури.

Предаторот одлучи веднаш да му одговори. Тој објави фотографија од Фјури од пресметката против Ото Валин, тоа беше меч помеѓу два дуели со Дионтеј Вајлдер. Фјури во таа борба се здоби со исеченица.

Дали е ова почеток на ново ривалство?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО