Тајсон Фјури му се внесе во лицето на Усик и рече: Обработив еден Украинец, ќе те решам и тебе! (ВИДЕО)

Џипси Кинг беше многу енергичен по победата над Дерек Чисора.

Со одличен настап Тајсон Фјури го сопре Дерек Чисора во десеттата рунда од борбата за светската титула на ВБЦ во тешка категорија. Очекувано, Дерек Чисора се покажа како апсолутно неадекватен противник и Фјури доминираше од првата до последната секунда во борбата.

Нема сомнеж дека Фјури ќе се соочи со критики за изборот на противникот кој апсолутно не му одговара во оваа фаза од кариерата. Александар Усик е боксерот кој сите го посакуваат за следен противник на Тајсон Фјури, а одличниот Украинец ја следеше борбата во живо.

Тајсон Фјури веднаш по победата го повика Усик, Украинецот се искачи на рингот, а Фјури со микрофон во раката влезе во лицето на Александар Усик и не престана со прозивките и навредите кон Александар Усик, а овој не трепна.

„Ти победи бодибилдер (Џошуа), но јас не сум бодибилдер. Веќе му обработив еден Украинец Кличко, а ќе ти изработам и тебе“, рече Фјури во својата низа на прозивки.

Усик цело време мирно и ладно го гледаше Фјури, не кажувајќи ниту еден збор. Усик не изгледаше ни најмалку исплашен од „огнениот“ Фјури. За време на вербалните напади на Тајсон врз Усик, Џо Џојс, привремениот шампион на ВБО во тешка категорија, одеднаш се појави до Усик. Џојс ја покажа својата желба да се вклучи во овие комбинации, а Фјури го пречека со ентузијазам.

„Овде е и големиот Џо Џојс. Големиот Џо Џојс е воин. Дозволете ми да ви кажам нешто: Јас сум единствениот што ве вика, нели? Сите се плашат од тебе. Ако овој „зајак“ (Усик) не сака меч, ајде да направиме борба меѓу нас двајцата на Вембли. Ајде да одиме Џо Џојс, да одиме!”, извика Фјури, а Џојс ја придружуваше неговата енергија и се помина во позитивен тон.

Додека Фјури му се обраќаше на Џојс, Усик на моменти изгледаше како да се чувствува малку запоставен и незаинтересиран, дури и во еден момент зборуваше на својот мобилен телефон (ако не се преправаше дека некој му се јавува).

По оваа секвенца со Усик и Џојс, Фјури се врати на средината на рингот за да даде дополнителна изјава. „Џипси Кинг“ го означи Џојс како потежок противник од Усик затоа што верува дека „Џугернаут“ е потврд борец. Фјури призна дека Усик има подобри вештини од Џојс, но Џојс изгледа како генерално поопасен противник.

Нè очекуваат интересни денови во тешка категорија, но има надеж дека нема да слушнеме дека „се тресеше гората, се роди глушец“, или се тресат потенцијалните мечеви на Фјури со Усик и Џојс, а се роди четвртата борба против Чисора или Вајлдер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО