Таеквондо репрезентацијата ветува медал од Светското првенство во Канада

tekvondo-juniori-za-sp

Јуниорската репрезентација вечерва патува за Канада на Светското првенство во Бернаби од 18-20 ноември, а по тој повод нашиот тим имаше прес-конфернција во Агенцијата за млади и спорт.

Тренерот на македонската репрезентација до 17 години, Дарко Костовски, изрази голема благодарност за несебичната поддршка која Агенцијата што ја дава за развој на таеквондо спортот во Република Македонија и даде уверување дека постои потенцијал во овој олимписки спорт.

Македонската репрезентација ќе настапи со тројца натпреварувачи и тоа Иван Крстевски во категорија -59 кг, Филип Додевски – 73 кг и Дејан Георгиевски +78 кг.

„Со оглед на фактот дека ова е прво учество на Светско првенство очекувањата мора да бидат во границата на реалност, иако квалитетот на нашите натпреварувачи може позитивно да изненади и покрај фактот дека настапуваат 800 натпреварувачи од 100 држави во светот. Сепак, и едно коло да поминат ќе биде успех, но ние очекуваме медал. Во изминатиов период покажаа дека имаат потенцијал, при што на меѓународни турнири и првенства освија 40 медали. Не случајно се балкански прваци Георгиевски и Додевски“, изјави Костовски.

И репрезентативците се убедени дека ќе се вратат со еден медал од Канада.

Директорот на Агенцијата Марјан Спасески потенцираше дека овој олимписки спорт е во постојан подем, за што зборуваат резултатите од последни првенства од кои македонските надежи редовно се враќаат со медали. Двајца од тројцата натпреварувачи се веќе носители на златни медали од Балканските првенства, што укажува дека имаме значаен потенцијал за остварување на врвни спортски резултати и од натпревар од повисок ранг. Во таа насока Агенцијата во континуитет дава поддршка на таеквандо репрезентацијата на Македонија. Согласно меѓународната програма за настапи и  развој на стручни кадри за 2016 година се префрлени 900 000 денари од кои 300 000 денари за настапот на нашите репрезентативци во Канада.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО