Светскиот вицешампион Витомир Трајковски: Остварив еден мој сон и испишавме историја за Македонија!

Витомир Трајковски на Светското карате првенство за кадети јуниори и У-21 во Коња, Турција, во У-21 до 84 килограми го освои сребрениот медал. За златото се бореше против Италијанецот Матео Фиоре од кого загуби 1-4. Сепак, тој оставри голем успех и испиша историја за македонското карате и за КК Макпетрол.

По освојувањето на СП, од страна на клубот беше организиран пречек за него и клупскиот другар Стефан Стојановиќ, кој исто така освои сребрен медал на светскиот шампионат.

Откако се заврши се, како се чувствуваш? 

-Се уште не сум свесен за постигнатиот резултат. Среќен сум и горд за постигнатиот успех. Остварив еден мој сон и испишавме историја за Македонија.

Постигна голем успех. На што се должи тоа?

-Мојот успех се должи на мојот долгогодишен труд поткрепен со многу тренинзи, откажувања, жртви и несебичната поддршка на моите тренери од мојот матичен клуб Макпетрол. Голема благодарност до моите тренери Бошко Заборски, Петар Заборски, Иван Тиосављевиќ. Исто така, благодарност до Карате федерација на Македонија која ни овозможи да учествуваме на ова Светско првенство. Да не заборавам, благодарност на мојот прв тренер Никола Панчев.

Дали пред СП размислуваше дека ќе се бориш во финалето?

-Одговорот е да! Бев максимално подготвен и кондиционо и технички. И пред заминување се гледав на пиедесталот, но сепак бев фокусиран и ги работев борба по борба.

Што беше  клучно во финалната борба?

-Многу мали моменти ме делеа од првото место. Можеби поголемото натпреварувачко искуство на противникот и неговото фаворизирање беа пресудни. Но, сепак, мислам дека се покажав во супер светло и прикажав права сениорска борба. Да не заборавиме, оваа година наполнив 18 години и ова е прва година како се натпреварувам во У21, а јас станав светски медалист.

Дали при поведувањето на противникот 2-1, кој на многу лесен начин го зема поенот, беше клучно за развојот на борбата?

– Не, јас цело време борбата ја водев со ладна глава и трезни мисли. За ваков тип на натпревар, покрај физичката и техничката подготовка, многу е важна и психичката, која што во некои моменти има и клучна улога.

Што следува по СП и сребрениот медал?

-По СП следува глад, поголема желба за уште поголеми достигнувања, потоа Државно првенство за престојното ЕП кое ќе се оддржи во февруари во Кипар.

Колку ти значи овој медал?

– Се разбира дека овој медал многу ми значи, претставува мотив за остварување на уште поголеми цели и пресврт во мојата кариера. Оставивме траги во македонскиот спорт и се надевам дека ова исто така ќе претставува мотив за останатите дека ова не е невозможно и е реалност. Кога се сака нешто, со труд и упорност сонот станува реалност.

Резултати СП:

-84 кг
Витомир Трајковски – Парањал Гири (Индија) 8-0
Витомир Трајковски – Тимотеј Јордан (Словенија) 3-0
Витомир Трајковски – Абдула Бабикар (Катар) 2-1
Витомир Трајковски – Хусеин Хусеинзаде (Азербејџан) 1-0
Полуфинале
Витомир Трајковски – Ахраф Хабила (Мароко) 2-0
Финале
Витомир Трајковски – Матео Фиоре (Италија) 1-4

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON