Светскиот првак Бобан Илиоски титулата ја посвети на дедо му Љубе: Не напушти неколку дена пред ова првенство

Пред два дена стана светски првак во кик бокс. Тој на Светското кик бокс првенство на ВАКО во Албуфеира, Португалија, слвеше против Нурбек Уришбоев од Узбекистан со убедливи 3-0.

По големиот успех нашиот најдобар кикибоксер во моментов се обрати до македонската спортска јавност преку социјалните мрежи.

„Освоена е светската титула!

Изминатава недела се наоѓам во Португалија, каде што се одржа Светско првенство во кикбокс во организација на ВАКО кик бокс.

Во конкуренција од 14 натпреварувачи во мојата категорија и после 3 борби со доста квалитетни борци од Босна и Херцеговина, Азербејџан и Узбекистан го освоив првото место на турнирот.

Патот до победата е тежок и полн со препреки кои што ни ги носи животот, долгогодишна посветеност, напорни тренинзи и одрекување од многу задоволства резултираат со вакви успеси. Ова е мојот живот, ова е тоа што ме прави среќен. Ова е само еден мал чекор до мојата цел, верувам дека ќе ги бранам боите на Македонија на најголемите кик бокс сцени!

Голема благодарност до луѓето кои што ме поддржуваат, моите најблиски, семејството, другарите и моите тренери Урко и Гладијатор -Скопје кои што беа до мене во текот на целата подготовка и ми беа безусловна поддршка во аголот во текот на сите борби.

Оваа светска титула ја посветувам на мојот дедо Љубе, кој не напушти неколку дена пред ова првенство.

Почивај во мир дедо“, напиша светскиот првак Бобан Илиоски на Фејсбук.

Да потсетиме дека минатиот ноември Илиоски ја освои и титулата европски првак во категоријата лоу кик до 86 килограми.

Светско првенство:

-86 кг лоу кик
Бобан Илиоски – Алберт Угринчиќ (БиХ) 3-0 ¼ финале
Бобан Илиоски – Елјан Алкишијев (Азербејџан) 3-0 ½ финале
Финале
Бобан Илиоски – Нурбек Уришбоев (Узбекистан) 3-0

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО