Светскиот бокс сака да стане член на МОК до Игрите во Лос Анџелес

Шефовите на Светскиот бокс се надеваат дека организацијата, формирана минатата година, ќе биде прифатена како членка на Меѓународниот олимписки комитет до Игрите во Лос Анџелес во 2028 година.

Во јуни минатата година, МОК ја исклучи од своите структури Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), раководена од рускиот олигарх Умар Кремлов, чие членство со години беше замрзнато поради разни прекршоци.

За да го спасат местото на боксот во олимписката програма, некои од најголемите национални федерации во светот решија да се обединат во Светската боксерска организација. Сепак, таа сè уште не успеала да собере ниту половина од националните федерации под своја капа, а мнозинството земји од Азија и Африка остануваат членки на прилично финансиски стабилната ИБА. Во моментов во Светскиот бокс членуваат 27 национални федерации.

„Ова треба да бидат последни Олимписки игри на кои МОК го организира боксерскиот турнир. Поради одлуката на последната седница на МОК минатата година, вклучувањето на боксот во програмата на Игрите во 2028 година засега е замрзнато“, изјави на почетокот на неделава спортскиот директор на МОК, Кит Меконел.

Тој додаде дека дури и боксот да биде вклучен во програмата на Игрите во 2028 година, ИБА нема да се занимава со неговата организација.

„Коментарите дадени од МОК се јасна порака до националните федерации дека мора што поскоро да се приклучат на новата меѓународна федерација за да го задржат спортот на олимписката програма. Само тогаш World Boxing ќе може да бара официјално признание од МОК“, велат од Светскиот бокс.

Досега квоти за Олимписките игри во Париз имаат 188 боксери од 56 национални федерации. Последните олимписки квалификации се во Бангкок, Тајланд од 25 мај до 2 јуни, каде ќе бидат распределени 51 место во вкупно 13 категории – седум за мажи и шест за жени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО