Светислав Стојановски – Цеце: Куманово живееше за боксот, секој меч го гледаа по 5000 гледачи!

Светислав Стојановски – Цеце Лав е нераскинлив дел од Боксерскиот клуб Лав Куманово, однонсо од порано познат само како Куманово. Едно како млад боксер кој многу брзо се посветува на тренерската и функционерската работа во клубот, а во одреден период и како спонзор. И во најславните денови на клубот и во најлошите тој е во БК Куманово. Од друга страна, Стојановски е добар познавач на состојбите во македонскиот бокс и еден од повиканите боксерски работници кој може да зборува за состојбите за некогаш најтрофејниот спорт кај нас.

Нераскинлкивата врска или втората љубов на Стојановски со БК Куманово почнува во далечната 1975/76 година кога почнува да тренира во клубот, во 1984 година е член на Управниот одбор (УО), а од 1986 година шеф на стручниот штаб, а станува и помошен тренер на репрезентацијата, како и претседател на УО.

Некогаш боксот беше најтрофеен и најпопупларен спорт во градот, а денес едвај опстојува.

„Многу време бевме најтрофеен спорт со два олимписки медали (сребрен на Реџеп Реџеповски во 1984 година во Лос Анџелес, САД и бронзен на Аце Русевски во 1976 година во Монтреал,  Канада), но како што стојат работите за долго време нема да може да ги постигнеме овие резултати. Сепак, стагнацијата не е само кај нас, туку ја имавме и во свстескиот бокс. Често пати обраќав внимание на македонскиот бокс, затоа што имавме европски, светски и олимписки медалисти и беше број еден спорт во поранешна Југосалвија.

Тоа беа времиња кога цело Куманово живееше за боксот. Кога имаше бокс меч, тоа беше празник за градот. Во салата имше по 5000 публика, нешто што ретко кој го можеше во Југославија. Не гледавме кој од каде е, дали е Македонец, Албанец, Ром, Србин, Турчин итн, само гледавме да бидеме подобри од другите. Вистинско братство и единство. Боксот се стимулираше од градот, притоа има доделено 20 станови и 10 куќички и ги вработуваше спортистите“.      

БК Куманово има два медала од Олимпиксите игри, сребрениот на Реџеп Реџеповски во 1984 година во Лос Анџелес, САД и бронзениот на Аце Русевски во 1976 година во Монтреал, Канада, како и европски, медитерански, а имаше и профи бокс мечеви.

„БК Куманово во Југославија беше многу успешен. Благодарение на Мирослав Петровиќ кој беше меѓу најдобрите тренери, во екипата ги имаше Реџеп Јакупи, Сали Лимановски, Аце Русевск, малку и подоцна и Реџеп Реџеповски. Тие доминираа во лига натпреварите, при што 80 отсто од мечевите во Куманово ги добивавме. Зошто ги одбра нив? Затоа што разликата меѓу нив беше 2-3 килограми и конкуренцијата меѓу нив беше страшна. Во секое време можеше да тактизира со нив и да ги мотивира. Со голема работа се освоија тие медали“.

Боксот во олимписко Куманово повторно заживеа и клубот почна да се натпреварува во Првата и Младинската лига на Македонија.

„Со наполнети 50 години бев претседател на БК Куманово, а 20 години имаше застој и никој не прашуваше што се случува со боксот во градот. По моја идеа направивме организација, бидејќи 20 години немаме бокс во градот. Направивме организационен одбор и по 5-6 месеци успеавме да направивме и клуб кој 4 кола се натпреваруваше во Првата и Младинската лига, но по желба на некои членови од БК Лав Куманово, и сметаше името (додавката Лав), па сакаа да има промена на истото, но јас не го дозволив тоа и се повлеков. Сега Куманово, два месеца, повторно е без бокс (боксери на БК Лав Куманово настапија во 5.коло, а во 6-тото не – н.з.)“.

Минатата година беше одбележан јубилејот „Олимписко Куманово – 70 години боксерска традиција“ како дел од одбележувањето на националниот празник „11 Октомври“ во ресторанот „Лав“ каде што на едно место се собраа многу европски, светски и олимписки шампиони од екс-Југославија и Бугарија, како никаде на друго место во светот, главен виновник за тоа беше токму Цеце Лав.

„По тој повод направив гала вечер на којашто беа поканети осум олимписки медалисти од поранешна Југосалвија и Бугарија и уште еднаш покажавме дека знаеме да организираме и да направиме се во врска со боксот“.

Едно од прашањата што се поставува е каква иднина има боксот во Куманово, но и каде се гледа Стојановски во оваа насока.

„Оттсекогаш сум изјавувал дека мојата втора љубов е боксот. Тоа и го докажав. И понатаму ќе го следам и ќе го помагам на повисоко ниво. А локалниот дел ќе го оставам на локал-патриотите, за да се докажат“.

Стојановски за состојбата во македонскиот бокс кој долго време беше во амбис вели дека се стабилизира и дека со домаќинска работа може да се очекуваат резултати за извесен период.

„Во моментов имаме стабилизација на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), домаќинско работење, хармонија и дружење во самата управа. Само фали поголема стручност и организација околу репрезентацијата и промена на начинот на натпреварување. За доброто на боксот предлагам од идната година да се вратиме на класичното екипно натпреварување. Не мора во сите категории, туку за почеток да се определиме за пет тежински категории по меч, во зависност од расположливите сили на клубовите за одредено коло. Од друга страна, оние клубови што се со помалку боксери, за доброто на спортот би било добро да направат една екипа за Лига натпреварите, а на поединечните првенства ќе настапуваат за матичните клубови. На овој начин ќе добиеме на квалитет, масовност и враќање на публиката во салите“.

Според Стојановски, стручната надградба и подмладувањето се најбитни за развојот на боксот.

„Ако не едуцираме нов кадар, нема да има успеси. Што поскоро треба да се посветиме на компонирање на стручен штаб како во времето во СФРЈ“.

За светскиот бокс и регионот,односно за тоа кој се најдобри боксери, Стојановски има истенчен избор.

„За мене најдобар боксер е Леонард Реј Шугер, па Рој Џонс и како еден од најголемите е Мајк Тајсон. Сега со боксот доминираат Англичаните, како што е светскиот шампион во тешка категорија Ентони Џошуа, за кого треба да гледаме колку време ќе владее. Од регионот, според мене, боксер кој ветува е Хрватот Филип Хрговиќ кој освои бронзен медал на Олимписките игри во Рио 2016 година и во професионалци веќе има неколку победи“.

 

Со легендата на македонскиот бокс Аце Русевски се неразделни пријатели и сите премрежија ги поминуваат заедно. Неодмана беа специјални гости на еден од најпрестижните турнири во Европа „Златна ракавица“ во Белград, каде што Русесвки беше член на жири-комисијата.

„Ние 40 години сме неразделни пријатели, а не поврзува боксот. Се чувствуваме како браќа. Пред некој ден бевме во Белград на Златната ракавица по покана на претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, и многу убаво си поминавме. Затоа велам дека Аце е еден од најстручните боксери и тренери. Аце не е награден. Имаме стручњак од светски калибар кој е запоставен. Тој има цена што си ја заслужува, а репрезентативците ќе бидат на негово ниво. Има завршено пет професионални школи во Италија, Франција, Канада, САД и Југославија кај прочуениот Бруно Хрстински“.

Зборувајќи за Аце Русевски тој се навараќа и на македонскиот бокс и ги лоцира падовите кои се причина што сега немаме квалитетни боксери и дава насоки за излез од кризата.

„Правење на стручен штaб и едуцирање на кадар можеби ќе добиеме добри основи за лансирање на квалитетни боксери. Ова го велам бидејќи од 90-тите години па наваму најголем ранг на еден наш боксер е државен првак“.

Медалистите на БК Куманово

Аце Русевски го освои бронзениот медал на Олимписките игри 1976 година во Монтреал, Канада.

Аце Русевски европски првак од 1977 година во Хале, Германија.

Самир Лимановски освои бронзен медал на ЕП 1975 година во Катовице-Полска.

Реџеп Рџеповски – сребрен медал на Олимпијадата во Лос Аџелес 1984 година во САД.

„Виновник“ е легендарниот тренер Мирослав Петровиќ.

https://youtu.be/-O6LThrws3Y

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON