Битолскиот клуб за бразилско џиу џицу Паунд фор паунд освои сребрен и бронзен медал на Националниот Грција УАЕЏЏФ турнир за бразилско џиу џицу во Атина во саботата.
Сребрен медал освои Сашко Мирчевски (85 кг), а Игор Додевски (69 кг) бронзениот.
Мирчевски најпрвин триумфираше против Али-Реза Амели (Австрија) со 5-0, па против Томас Данезис (Грција) со 2-1, а во финалето загуби од Димитриос Ксиројанис.
Додевски со 0-2 на поени загуби од грчкиот претставник Димитриос Барис, а во битката за третото место убедливо со 11-0 го совлада Александрос Писирицис (Грција).
Клубот забележа четири тимски победи од кои две со зафат армбар и давење и две со судиска предност и поени, но и исто толку порази од кои три се на поени и финална борба со судиска предност во корист на Грција.
„Организацијата беше на одлично ниво, со европски познати имиња од светот на бразилското џиу џицу од Германија, Полска, а некои дури и од Бразил. Ја претставувавме Македонија и П4П тимот и успеавме да донесеме еден сребрен и еден бронзен медал. Имавме одлични борби со противници од Грција, Кипар и Иран. Се вративме со големо искуство и со амбиции веќе следната година на истото натпреварување да се појавиме со поголема екипа и направиме поголем успех“, вели тренерот Сашко Мирчевски.
Наредни натпревари што ги чекаат се два турнира за џиуџицу во Монтана, Бугарија, и „Скопје опен 2018“, на кои ќе настапат со поголема екипа. Овој викенд во Монтана ќе настапат заедно со други тимови од Македонската џиу џицу федерација.
Ipon.mk