Симона Трајкоска: Лука Валдеси се уште е број еден за шотокан катите, идол на многу генерации!

Ivana i Simona

Симона Тасевска Трајкоска е еден од идејните творци за семинарот на повеќекратниот европски и светски првак во  кати, Лука Валдес, во Македонија, заедно со Ивана Аврамова.

kata tim tenerife 2005 ekipata

Трајковска е носител на првиот сениорски медал за Македонија на ВКФ шампионатите. Ката тимот на Мкаедонија го освои првиот сениорски медал за Македонија во 2005 година на Европското првенство во Тенерифе, Шпанија, со што овој успех ќе остане запишан со златни букви во нашата спортска историја. Екипата ја сочинуваа: Тамара Рибарска, Симона Трајкоска и Ивана Димитрова.

 Valdesi i Jositaka so Zile

Колку време се познавате со Лука Валдеси?

-Со Валдеси се познаваме одамна, ако не се лажам, прв пат се запознавме 2002 година на Босфор куп во Истанбул, Турција. Оттогаш редовно се среќававме и се дружевме, како репрезентативци на меѓународни турнири, европски и светски првенства.

Од каде идејата за семинар со Лука Валдеси во Скопје?

-Можеби пред десетина години, како натпреварувач, заедно со мојот матичен клуб ШКК Јошитака од Скопје, и нашиот тренер, мојот татко, шихан Живко Тасевски, во Белград за прв пат посетивме семинар на Лука Валдеси. Општиот впечаток од семинарот беше дека Валдеси е се уште недостижен, дека неговите тренинзи се со одлична енергија и дека мора кога-тогаш да го донесеме во Скопје.

Минатата година, на летниот камп во Умаг, Хрватска, во организација на Светската карате федерација, Валдеси повторно одржа семинар. Овој пат семинарот го следев само како тренер. Тогаш, само се потврди првичната идеја дека Валдеси мора да дојде за семинар во Скопје. Пред се, затоа што се уште е број еден за шотокан катите, затоа што е идол на многу генерации и затоа што е позитивен човек кој не се штеди за време на тренинзите и кој сето свое знаење несебично го пренесува на помладите и е секогаш подготвен да одговори на сите прашања. Токму затоа, ШКК Јошитака од Скопје и КК Урбан инвест од Кавадарци со здружени сили го носат Лука Валдеси во Скопје на 2 и 3 април.

Зошто треба да се посети овој семинар?

-Мој совет, како натпреварувач и како тренер, е да не ја пропуштате оваа прилика да вежбате со повеќекратниот европски и светски шампион Лука Валдеси, затоа што, верувајте, ќе научите многу и семинарот ќе биде дополнителна мотивација за вашите врвни резултати во иднина!

Новитет е што покрај четирите тренинзи (два во сабота и два во недела), на кои ќе се работат мајсторски кати, успеавме да договориме и дополнителен тренинг во недела наутро, на кој ќе се работат само хеан кати, за да може и помалите, оние кои не ги знаат мајсторските кати кои ќе се работат на семинарот, да вежбаат со најдобриот и да се мотивираат и да напредуваат!

Valdesi nov baner

И на крајот секако огромна благодарност до верните поддржувачи на карате спортот, кои помогнаа да се одржи овој семинар, Технички гасови Скопје, Матео дизајн, Херба натура, Про графика и Урбан инвест.

За повеќе информации: [email protected], [email protected], [email protected]

Valdesi si italijanska reprezentacija

Кој е Лука Валдеси?

Лука Валдеси е роден на 18 јуни 1976 година, во Палермо, Италија. Почнал да тренира карате на 6 годишна возраст кај неговиот тренер и татко, Андреа Валдеси. Подоцна преминал во карате клубот Fiamme Gialle од чии редови станува репрезентативец на Италија. Тренирал со повеќе тренери, но постојано неговиот развој и напредок будно го следи неговиот татко.

Како натпреварувач во текот на својата долгогодишна плодна кариера Валдеси има освоено 22 златни медали на европски првенства и 6 златни медали од светски првенства. Во 2013 година се повлече од натпреварите и сега своето знаење го пренесува на помладите генерации.

Покрај работата во неговиот клуб, Polo Verde Karate Club Gioiosa Marea, Валдеси исто така е тренер на сениорската и У-21 ката репрезентација на Италија, која полека но сигурно чекори по неговите стапки.

Како истакнат натпреварувач, Лука Валдеси неодамна беше именуван како член на Комисија за ката правила во рамки на Светската карате федерација, каде заедно со други истакнати поранешни или се уште активни натпреварувачи работи на подобрување на правилата, конкретно во делот на катите, се со цел каратето конечно да стане дел од олимпиското семејство во Токио 2020, каде што и припаѓа.

Valdesi so Espinoza

На фотографијата се (од лево кон десно): Давиде Бенетело, член на комисија на СКФ за кумите правила, Антонио Еспиноз, претседател на СКФ и Лука Валдеси

Имено, и овој ката семинар е во склоп на активностите за поддршка каратето да стане „Олимписки спорт“.

Ipon.mk/В. Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО