Шабан Трстена ги додели петте „Златни олимписки оскари“ (ФОТО)

Олимпискиот шампион од Олимписките игри 1984 година во Лос Анџелес, Шабан Трстена, ги додели првите „Златни олимписки оскари“, а добитници се: претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт, поранешниот селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани, како негов тренер.

Наградата се востановува од оваа година, а ќе се доделува на врвни спортисти и на поединци и институции заслужни за неговиот спортски успех.

Она што ме поттикна да наградувам со „Златен олимписки оскар“ е фактот дека до титулата олимписки шампион успеав да стигнам на достоинствен начин, со храброст и самодоверба. Така го остварив сонот што си го поставив како цел, да стигнам до врвот на спортските остварувања. Дваесет години сум ценет спортист, со многу награди признанија и медали од цел свет. Задоволство е кога се чувствуваш почитуван од вистинските луѓе. Како спортист на 20 век, преку доделувањето на овие „Златни олимписки оскари“, изразувам благодарност на луѓето кои беа со мене и воедно, изразувам голема почит за секој што дал придонес и знаел да го цени и да го вреднува мојот успех и вредностите на спортот во целина, посебно на олимписките вредности“, истакна Шабан Трстена.

Претседателот на МОК, Васил Тупурковски, посочи дека е изненаден од гестот на Трстена.

„Не сметам дека сум од првите луѓе што му помогнале на Трстена. Будно го следев од 1996 година, кога го оштетија на ОИ“, рече Тупурковски.

Директорот на АМС, Дарко Каевски е изнанден од чинот на олимпискиот шампион, но потенцираше дека тој е пример за идните спортисти до каде може да се стигне.

Хајруш Синани вели дека го гледал од 14 години и го посочи како најдисцплиниран  борач.

Насе Насев: „Шабан единствениот наш спортист со толку големи постигања. Работеше како никој друг, наместо 200 дена на подготовки тој беше 300. Ваков спортист уште долгу години нема да има“.  

Докторот Милош Вучидолов истакна дека бил на сите негови натпревари и дека бил изразито дисциплиниран.

„По ОИ во Москва 1980 година дојдоа ОИ во Лос Анџелес во 1984 година, на кои Шабан ги победи сите, но претходно тоа го направи и на ЕП во Јенчепинг во Шведска и покажа дека е најдобар борач во светот. Тој најголемата борба ја имаше со килограмите“, рече Вучидолов.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО