Сензација: Аманда Нунес загуби од Пења, Чарлс Оливеира го одбрани појасот! (ВИДЕО)

УФЦ-269 во Лас Вегас донесе две борби за шампионски појас и во ниедна од нив не победи фаворитот според обложувалниците.

Во борбата за титулата во бантам (61 кг.), во женска конкуренција, се случи едно од најголемите изнандувања во историјата на УФЦ. Најдобрата жена која некогаш стапнала во октагонот, Бразилката Аманда Нунес загуби од Хулијана Пења од САД и тоа уште во втората рунда, со зафат „гушење од позади“. Американските медиуми ја споредуваа оваа победа на Пења со најголемите изненадувања не само во УФЦ, туку во историјата на своите спортови, како на пример нокаутот на Бастер Даглас врз Мајк Тајсон во 1990 година.

Со овој петти пораз во кариерата на Нунес (21-5), Пења (11-4) стави крај на нејзината серија од 12 победи, од нив девет во борби за титула. Таа и понатаму ќе остане со епитетот „најдобра во историјата“, бидејќи се уште е шампион во една категорија погоре (перо, до 66 кг), а сигурно ќе се очекува реванш за овој пораз во бантам.

Оваа шокантна победа на Пења скрати малку од вниманието на најважната борба утрово во Лас Вегас, за појасот во лесна категорија (70 кг) во машка конкуренција. Бразилецот Чарлс Оливеира (32-8) ја одбрани титулата против Дастин Порие (28-7), кој важеше за фаворит, откако двапати годинава го победи Конор Мекгрегор. Тој тргна подобро во првата рунда и прати Оливеира во нокдаун, но во втората Бразилецот се врати и веќе во третата ја заврши борбата исто така со зафат од позадина.

Ова беше 18. борба во УФЦ, која Оливеира ја завршува пред време (со зафат или со нок аут), што претставува рекорд, а неговата победничка серија стигна до 10 меча по ред.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО