Самурајот Јиржи Прохаска одби на УФЦ 317 оти имал испити за полагање

Претседателот на УФЦ, Дана Вајт, ги потврди борбите за спектакуларниот настан УФЦ 317, кој ќе се одржи во рамки на престижната Меѓународната недела на борбите. Главна борба на вечерта ќе биде мечот за титулата во лесна категорија меѓу Илија Топурија и Чарлс Оливеира, а целата боречка карта е исполнета со познати имиња и атрактивни двобои.
Сепак, едно од омилените имиња кај публиката – Јиржи Прохаска – нема да биде дел од овој спектакл.
Прохаска, поранешен шампион и моментално второрангиран предизвикувач во полутешка категорија, одлучи да се повлече од настапот на УФЦ 317 поради сосема необична, но и достојна причина – сака да ги положи испитите!
Чешкиот борец веќе има дипломирано на студии за безбедност, а сега е магистрант на Факултетот за спортски науки. Како што вели самиот, обврските на факултетот се натрупале, а летото носи испитни рокови кои бараат целосна посветеност.
„Во моментов немам време да се подготвувам за борба на највисоко ниво. Целосно сум фокусиран на завршување на студиите и полагање испити“, изјави Прохаска за Sport.cz.
Тој потврди дека планира да се врати во октагонот во август или септември, но дури откако ќе ги заврши сите академски обврски.
Несомнено е дека УФЦ фановите ќе бидат разочарани што нема да го гледаат еден од највозбудливите борци на денешницата – чиј стил секогаш носи акција, адреналин и пресврти. Но фактот што еден шампион како Јиржи Прохаска не го запоставува своето образование и гради кариера надвор од спортот, заслужува апсолутна почит.



